Фудбалската федерација на Македонија и официјално одлучи последните две кола од Првата лига да се одиграат во веќе закажаните термини, но без присуство на гледачи. 17-тото коло ќе се одигра утре, а 18-тото в недела без публика, откако беше прифатено барањето на МВР.
Ваквата одлука значи и дека е одбиено барањето на пет клуба кои бараа последните две кола да се одложат и да се одиграат напролет, а нивното барање беше поради катастрофалните терени за игра.
Во продолжение комплетното соопштение на ФФМ.
„Комисијата за натпревари во рамките на Фудбалската федерација на Македонија праќа информација до клубовите од Првата МФЛ и фудбалската јавност за одлуката донесена по барање на Министерството за внатрешни работи (МВР) во врска со натпреварите од 17-тото и 18-тото коло во Првата МФЛ.
Комисијата за натпревари го прифати барањето и донесе одлука натпреварите од 17-тото (3 декември, 13:00 часот) и 18-тото коло (8 декември, 13:00 часот) во Првата МФЛ да се одиграат без присуство на публика.
Одлуката на Комисијата за натпревари е донесена поради извршена проценка на Министерството за внатрешни работи заради неодамнешните случувања и спречување на каков било вид на насилство и недолично однесување пред, за време и по одигрување на фудбалските натпревари“, велат од ФФМ.