Сантијаго Солари од денес и официјално е назначен за нов тренер на Реал Мадрид. Аргентинскиот стратег потпиша важечки договор до 2021 година, откако изминативе две недели работеше како привремен тренер. Солари без двоумење и поставување дополнителни услови ја прифатил понудата и се надева дека ќе продолжи да носи добри резултати.
„Раководството на Реал Мадрид по денешниот состанок се согласи да го ангажира Сантијаго Солари за нов тренер на првиот тим со согласност до 2021 година“, стои во соопштението на шпанскиот гигант.
Солари ја доби довербата од управата на „кралевите“ откако на првите четири натпревари како предводник на Реал обезбеди убедливи победи. Претседателот Флорентино Перес смета дека Аргентинецот моментално е најдобра опција, а очигледно е достоен да ја преземе одговорноста откако покажа добри резултати во изминатиов период.
Под палката на Солари, Реал постигна 15 погодоци на четирите победи кои ги оствари, додека дозволи само два гола во својата мрежа. По саботната победа над Селта Виго од 4-2, европскиот првак се врати во трката за позициите кои водат во европската елита.