Официјално: Вест Хем потврди дека Дејвид Мојс си оди по завршувањето на сезонава

Премиерлигашот Вест Хем јунајтед потврди дека Дејвид Мојс ќе го напушти клубот по крајот од сезоната 2023/24, кога и ќе му истече договорот.

Мојс четири и пол години беше на чело на лондонскиот клуб, период во кој имаше два топ-седум пласмани во Премиер лигата, стигна до полуфиналето и четвртфиналето на Лига Европа, а лани ја освои Конференциска лига на УЕФА, обезбедувајќи му го првиот трофеј на Вест Хем по пауза од над 40 години, а прв европски пехар од 1965 година наваму.

Испраќањето од навивачите на Вест Хем и искажувањето благодарност ќе се случи на последниот домашен натпревар од сезоната против Лутон в сабота.

„Уживав во овие четири и пол брилијантни години во Вест Хем. Клубот е во подобра ситуација отколку кога дојдов во 2019 година. Тогаш кога се приклучив клубот беше едно место над зоната за испаѓање. Успеавме три сезони по ред да играме со успех во Европа. Би сакал да им се заблагодарам на сите играчи за поддршката, навистина уживав да работам со сите и би сакал да му се заблагодарам на Бордот што ми даде можност да го водам овој голем клуб. На мојот наследник, директорите, играчите, персоналот, навивачите и на сите во Вест Хем им посакувам се најдобро во иднина“, рече Мојс.

Процесот на барање на наследник на Мојс е започнат.

- Оглас -

Најнови вести