Огорчениот Пандев со жестоки критики до првиот човек на ФФМ, и најави кога ќе се повлече (Видео)

Во интервју за емисијата „Студио 10“ на телевизијата 24 вести, најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев, вели дека по завршувањњто на Европското првенство ќе ја заврши играчката кариера.

„После ЕП, дефинитивно одам во играчка пензија. Најдобро би било кариерата да ја завршам со настап на едно големо натпреварување“ – рече Пандев.

Фудбалерот на Џенова, го нападна раководството на Фудбалската федерација на Македонија, претседателот Муамед Сејдини и неговите соработници, за однесувањето пред клучните натпревари за пласман на ЕП со Косово и Грузија.

„Сејдини се дрзна да го менува селекторот пред дуелите со Косово и Грузија, наместо да дојде и да ни посака среќа. Сејдини по натпреварот со Израел од квалификациите за ЕП, сакаше да го смени селекторот. Лично ми го кажа тоа, а јас му одговорив дека тој како претседател одлучува, но според мене, не е моментот да го прави тоа пред дуелите со Косово и Грузија. Некои луѓе работеа против репрезентацијата, ама не успеаја. Глумеа дека се среќни, а во лицето им се гледаше дека не се. Некои играчи играат толку време и не добија премии, а луѓето од ФФМ без срам си поделија премии“ – изјави Пандев.

Стрелецот на победничкиот гол за Македонија против Грузија, со што нашата селекција избори пласман на ЕУРО 2020 кое ќе се игра годинава, не гледа напредок во мак-фудбалот и побара од актуелниот предводник на федерацијата да се повлече.

„Јас немам амбиции да бидам претседател на ФФМ, но спремен сум да помогнам македонскиот фудбал да го подигнеме на едно повисоко ниво. Според мене, моментално македонската лига е најаматерската и најнекоректна лига во цел свет. Кај нас се знае однапред кој ќе игра Лига шампиони, кој Лига Европа. Не може на 10 дена пред натпревар да се знае кој ќе суди на кој меч. Не е нормално од прволигашите да нема делегати на Изборно собрание. Овие луѓе од раководството на ФФМ, членови на УО кои патуваат со нас како репрезентација, не знам што направиле за македонскиот фудбал. Тие доаѓаат да се шетаат и да се радуваат ако изгубиме. И потоа да зборуваат, како овие репрезентативци за ништо не ги бидува“ – велеше Пандев без влакна на јазикот.

 

- Оглас -

Најнови вести