Олимпијакос ги изненади Чеканите, Фрајбург со пресврт во Бачка Топола до победа во Лигата на Европа

Грчкиот шампион Олимпијакос пред своите гледачи со 2:1 го совлада Вест хем во еден од најинтересните мечеви во третото коло од групната фаза во Лигата на Европа.

Олимпијакос уште во првото полувреме го најави изненадувањето и со головите на Фортунис и Родинеи поведе со 2:0. Англискиот тим, кој е еден од главните фаворити за триумф во второто по квалитет европско натпреварување, во вториот дел успеа само да го ублажи поразот со голот на Пакета во 87-мата минута.

Екипата на ТСЦ имаше одличен резултат по првото полувреме против бундеслигашот Фрајбург. Српскиот тим во Бачка Топола по првото полувреме водеше со 1:0 благодарение на голот на Немања Петровиќ во 13-тата минута.

Но, во второто полувреме на сцена стапи Винченцо Грифо, кој постигна хет-трик (49-та, 59-та и 73-та минута) за пресврт и победа на Фрајбург.

Во Марсеј, Олимпик со 3:1 го совлада АЕК Атина, и тоа во меч кој го одбележаа навивачите на двата тима. Навивачките групи на францускиот и грчкиот тим имаат одлични односи и на „Велодром“, заедно навиваа од иста трибина.

Головите за Олимпик Марсеј ги постигнаа Витиња во 27-мата, Харит во 60-тата и Верето во 69-тата минута. Голот за АЕК Атина беше дело на Пинеда во 53-тата минута.

Бетис со голот на Перес славеше на гостувањето кај Арис Лимасол, додека Молде со убедливи 5:1 славеше во скандинавската пресметка против Хакен.

Резултати:

Арис – Бетис 0:1
Олимпик Марсеј – АЕК 3:1
Молде – Хакен 5:1
Олимпијакос – Вест хем 2:1
Раков – Спортинг 1:1
Спарта Прага – Ренџерс 0:0
Штурм – Аталанта 2:2
ТСЦ – Фрајбург 1:3

- Оглас -

Најнови вести