Баерн Минхен помина само со парична казна од УЕФА пред полуфиналето со ПСЖ

Фановите на Баерн Минхен избегнаа забрана за присуство на стадионот пред полуфиналето од Лигата на шампионите против Пари Сен Жермен. УЕФА го казни германскиот шампион со речиси 90.000 евра поради повеќе инциденти за време на победата во четвртфиналето над Реал Мадрид.

Во завршницата од реваншот на „Алијанц арената“, навивачи на Баерн ја прескокнаа оградата и се упатија кон аут-линијата. По победничкиот гол за 4-3 во судиското продолжение, тие се судрија со фотографи кои седеа зад рекламните паноа.

Неколку новинари беа блокирани во метежот, а според полициските извештаи, најмалку две жени и двајца мажи биле повредени.

УЕФА изрече казна од 40.000 евра за влегување на теренот, 30.000 евра за „несоодветни транспаренти“, 14.000 евра за блокирање на премините на трибините и 5.625 евра за фрлање предмети.

Спортскиот директор на Баерн, Кристоф Фројнд, се извини за инцидентите по натпреварот, но побара и разбирање.

„Имаше хаос и жалиме за тоа. Но, тоа беше исклучителна фудбалска вечер со многу емоции, а потоа работите излегоа од контрола“, изјави тој.

Баварскиот клуб имаше среќа да избегне делумна забрана за присуство на публика за реваншот против актуелниот освојувач на Лигата на шампионите, ПСЖ, на 6 мај.

По повеќекратни инциденти поврзани со пиротехника, јужната трибина на „Алијанц арената“ доби привремена забрана уште во декември 2025 година.

- Оглас -

Најнови вести