Никола Милутинов одигра одличен меч за Олимпијакос и го предводеше грчкиот првак до осма победа во Евролигата. Клубот од Пиреја славеше со 69:60 против Барселона на гостински терен и им ја продолжи серијата на Каталонците од 4 меча без успех.
Милутинов постигна 18 поени, а имаше и 14 скока за апсолутна доминација под кошевите, што домашните кошаркари не успеја да ја спречат. Спанулис уфрли 14 поени за победничката екипа, која доби три од вкупно четири четвртини за вредна победа.
Кај Барселона, која е во криза, само Виктор Клавер со 13 поени и Пјер Ориола со 10 имаа двоцифрен учинок.
Во шпанското дерби, Басконија ја декласира Гран Канарија со 84:71 на гостински терен. Домаќините поведоа со разлика од пет поени по првиот период и потоа застанаа, па кошаркарите на Басконија за три четвртини направија разлика од 18 поени за шеста победа во 13 кола во Евролигата.
Мет Џенинг со 16 поени ги предводеше гостите од Виторија до триумф, а кај домаќините само Ким Тили постигна двоцифрен број на поени, точно 11.