Талентите на грчкиот Олимпијакос се нови европски прваци откако триумфираа во младинската Лига на шампиони за играчи до 19 години. Во финалето кое се одигра во Нион, тинејџерите на тимот од Пиреја со убедливи 3:0 го победија фаворизираниот Милан.
Немаше голови во првото полувреме, а потоа Олимпијакос имаше фуриозни шест минути во кои постигна дури три гола во периодот од 60-тата до 66-тата минута и на крајот тоа беше сосема доволно за убедлива победа и историска титула.
На патот до финалето, Олимпијакос ги елиминира Нант, Баерн Минхен, Ленс и Интер, а Милан на патот до финалето беше подобар од Порто, Реал Мадрид, Брага…
Ова е првпат еден грчки тим да освои трофеј во клупско натпреварување на УЕФА. Претходно имале преставници во некои финалиња, но никогаш не се израдувале на трофеј. Интересно е дека и сениорите на Олимпијакос имаат можност да играат во едно европско финале. Грчкиот гигант ќе игра во полуфиналето од Конференциската лига на УЕФА, и тоа против Астон вила.