Ѕвездата на Барселона и на шпанската репрезентација, Дани Олмо, поради повреда вечерва нема да игра за својата земја на гостувањето кај Швајцарија, но секогаш ја спомнува Хрватска како земја во која фудбалски се разви.
Пред десет години, Олмо ја напушти академијата на Барса и прејде во Динамо Загреб. После добрите игри во Динамо, направи трансфер во Лајпциг. Тој откри и дека одбил покана за настап за хрватската репрезентација пред СП 2018 година.
„Сакав да бидам дел од спортски проект и Динамо ми го овозможи тоа. Кога ќе ја напуштите Барселона, не е сè совршено. Во Хрватска го сфатив тоа. Но, таму станав човек, на теренот и надвор од него. Фудбалот може да помогне на многу начини. На мене најмногу влијаеа луѓето кои ја преживеаја војната таму. Меѓу нив имаше и фудбалери. Некои немаа раце или нозе. Зборувам за клупските легенди“, раскажува Олмо.
Селекторот Златко Далиќ го поканил Дани со нив да оди на СП пред шест години, првенство на кое Хрватска го освои среброто.
„Тогаш бев најдобар играч во хрватската лига, а шпанската репрезентација не ме повика. Но, им кажав на Хрватите дека не сакам да играм за нив, им се заблагодарив и реков дека мојот сон е да играм за Шпанија“, откри 26-годишниот Олмо, еден од најзаслужните што Шпанија летоска стана европски шампион.