Омерагиќ: Заштедивме еден милион евра само на трошоци за хотели и авионски билети, индициите за наместени натпревари ќе бидат јавно обелоденети

На Редовното Генерално собрание на Фудбалската Федерација на Македонија, претседателот на Федерацијата, Масар Омерагиќ оддржа говор во кој даде отчет за своето едногодишно работење.

Омерагиќ директно, и со бројки ја објасни ситуацијата во федерацијата, што затекнал при неговото пристигнување и каква е истата во моментов.

„Еве само како пример. Во периодот пред да пристигнам како претседател на Федерацијата, во само еден месец од сметката на Федерацијата се извлечени пет милиони евра кои што биле наменети за проекти. Ние не се жалевме поради тоа, само го нотираме како факт. Се трошело недомаќински, душмански на не фудбалски нешта. Како на пример, на авионски билети, на хотели и на слични нешта. Заштедивме со нашето работење во изминатата година еден милион евра, тоа не е мала сума. Додека сум јас претседател тоа ќе биде така. Ќе се работи домаќински, одговорно, и средтсвата ќе се трошат исклучиво за фудбалски нешта“ – изјави во своето обраќање на генералното собрание на Фудбалската Федерација на Македонија, претседателот Масар Омерагиќ.

Во рамките на презентацијата на извештајот на работата на управниот одбор и претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, се осврна и на уште една горлива тема која што беше многу важна во оваа измината година од неговиот мандат.

А тоа секако се индициите за наместени натпревари од домашниот ПМФЛ и ВМФЛ шампионат, а за кој што јавноста ревносно е заинтересирана.

Омерагиќ објави дека наскоро ќе има целосна и транспарентна информација околу овие мечеви за кои што Федерацијата е целосно во комуникација со надлежните институции.

„По пријава и аларм од релевантни фудбалски институции, за повеќе фудбалски натпревари на кои има индиции за нарушен фудбалски интегритет, се ставени под сериозна опсервација. На сите нека им биде јасно дека сите добиени материјали од релевантните институции во однос на ваквите настани во фудбалот се работат во моментов, а по нивната завршница од страна на дисциплиниските структури, истите се обврзуваме јавно да бидат обелоденети“, открива Омерагиќ.

На Собранието беа потврдени и суспензиите на ОФС Кичево и ОФС Охрид.

- Оглас -

Најнови вести