Расел Вестбрук веднаш реагираше со донација на 650 компјутери за најсиромашните семејства во Хјустон и им овозможи на децата од најзагрозените категории непречено да ја следат наставата онлајн во услови на пандемија со корона-вирус.
Популарниот Броди, како што е еден од неговите прекари во НБА-лигата, повторно покажа дека е голем спортист и човек, а тој и неговата фондација имаат многу вакви акции.
„Расел уште еднаш покажа дека е шампион и на терен и надвор од него. Неговата хумана акција ќе ги врати насмевките на лицата на најмладите членови на нашата заедница во Хјустон“, изјави Силвестер Тарнер, Градоначалникот на Хјустон.
„Хјустон Хроникл“ објави дека над 142 илјади домаќинства во градот немаат компјутери и речиси двојно повеќе или околу 267 илјади семејства немаат пристап до интернет.
Во САД, како и во многу други земји во екот на пандемијата со Коронавирус наставата се одвива онлајн.