Осимен го врати Наполи на врвот на табелата, Елмас повторно мечот го започна од клупата

Фудбалерите на Наполи ја совладаа Болоња со 3:2 во рамки на 10-тото коло во Серија А и се вратија на лидерската позиција на табелата со два бода повеќе од Аталанта.
Натпреварот го реши Виктор Осимен, кој мечот го започна од клупата за резерви, исто како и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас.

Домашните фудбалери беа подобар тим во првите 40 минути од натпреварот, имаа добри шанси преку Распадори, Руи и Политано, но мрежата на голманот на Болоња, Скорупски, остана недопрена.
Казната за промашувањата дојде во 41-вата минута, кога фантастичната акција на Болоња со гол ја претвори Циркзе.

Наполи успеа да израмни пред крајот на првото полувреме преку Хуан Жезус, кој по корнерот, најдобро се снајде во шеснаесетникот на Болоња.

Тренерот на Наполи, Лучијано Спалети, реагираше на полувремето и ги прати во игра Ирвинг Лозано и Виктор Осимен и токму тие двајца го решија победникот.

Лозано во 49-тата минута му донесе водство на Наполи, но само три минути подоцна Муса Бароу го израмни резултатот.

Сепак, Наполи успеа да дојде до победата и трите бода благодарение на Виктор Осимен. Одличното додавање од Квича Кварацкелија, Нигериецот го претвори во победнички гол на 20 минути пред крајот на натпреварот.

Елмас во игра влезе веднаш по голот на Осимен, и тоа на местото на Ндомбеле.
Наполи по 10 кола има 26 бода, два повеќе од Аталанта и пет од Лацио, кој денеска одигра без голови со четвртопласираниот Удинезе.

- Оглас -

Најнови вести