Oсма титула за ЦСКА, или прва за Анадолу: Европа го чека новиот шампион

ЦСКА Москва и Анадолу ефес вечера (20:30 часот) ќе се сретнат во 19-тото издание на фанјл-фор финалето во Евролигата. Рускиот гигант цели на осма титула во клупската историја која ја чека веќе три години, додека екипата од Истанбул во своето прво историско финале ќе се обиде да ги расипе плановите на Армејците.

Несомнено ЦСКА е фаворит од повеќе причини. Избраниците на Димитрис Итудис и претходно го освојувале престижниот пехар, имаат големо искуство и знаат како треба да се победи во едно големо финале. Грчкиот стратег досега со ЦСКА настапил на едно финале и го освои во сезоната 2015/16 против Фенербахче, а во останатите три учества на Ф4 турнирот на два пати го водел својот тим до третото место.

Кон патот до финалето, ЦСКА беше подобра од басконија во четвртфиналната серија со 3-1, додека во полуфиналето го совладаа актуелниот европски првак Реал Мадрид со 95:90. Ова ќе биде 14-ти настап на ЦСКА во големото финале, седум пати го кревале трофејот, додека шест пати били вицешампиони.

Анадолу пак, приреди пријатно изненадување во првото полуфинале, совладувајќи го градскиот ривал Фенербахче со убедливи 92:73. Кошаркарите на Ергин Атаман одиграа вонсериска партија, особено се истакаа Ларкин и Мициќ, па токму тие дваја вечерва ќе бидат најголемата закана за Русите.

Како четврта најдобра екипа од регуларниот дел, Анадолу во четвртфиналето играше против Барселона и ја доби серијата по пет меча, а по историскиот прв пласман на еден Ф4 турнир во Евролигата, се пласираа и во големото финале.

Низ историјата, ЦСКА и Анадолу се сретнале повеќе пати во евролигашки рамки, а Армејците бројат осум последователни победи над турскиот состав, вклучувајќи ги и двете средби од оваа сезона.

Финалето е закажано за 20:30 часот, додека претходно во 17:30 часот за трето место силите ќе ги одмерат Реал Мадрид и Фенербахче.

Сите корисници кои се дел од Sport Life клуб, со собирање поени може да земат кошаркарска топка преку Sport Life маркетот.

- Оглас -

Најнови вести