Фудбалерот на Пари Сен Жермен и француски репрезентативец Осман Дембеле е добитник на „Златната топка“, најголемото инивидуално признание во фудбалот што го доделува „Франс Фудбал“. Тој имаше фантастична сезона со ПСЖ, освојувајќи ја Лигата на шампионите, но и трофеите на домашната сцена.
Тоа е прво вакво признание за Дембеле во кариерата. Наградата „Златна топка“ на Осман Дембеле му ја врачи бразилската легенда Роналдињо.
Дембеле, кој долго беше сметан за неочекувана надеж, под водство на Луис Енрике се трансформира во лидер на ПСЖ, кој оваа сезона освои четири трофеи, вклучувајќи ја и првата титула во Лигата на шампионите во историјата на клубот. Французинот беше најдобар стрелец на тимот со 35 гола.
Со ова, Дембеле стана шестиот француски фудбалер кој ја освојува „Златната топка“, што ја прави Франција рекордер по бројот на добитници, заедно со Германија и Италија.
Осман Дембеле на церемонијата изјави дека е воодушевен и благодарен за признанието:
All that maters… 🥺🌕 #ballondor pic.twitter.com/RR4ks0SyW9
— Ballon d'Or (@ballondor) September 22, 2025
„Ви благодарам на сите, ова е неверојатно. Сезоната со ПСЖ беше фантастична, доживеав многу, малку сум нервозен, но е прекрасно. Да го освоиш овој трофеј и Роналдињо да ти го врачи е нешто посебно. Сакам да му се заблагодарам на ПСЖ – на претседателот, целиот тим, на клубот кој е како прекрасно семејство. Од првиот ден, претседателот беше многу добар кон мене.
Би сакал да им се заблагодарам и на сите вработени во клубот, како и на Луис Енрике, кој ми е како татко. Тој имаше огромна улога во мојата кариера, а нашата соработка сè уште трае. Благодарност и до соиграчите – освоивме скоро сè заедно. Ова е индивидуална награда, но ја делиме како тим.
Исто така, благодарам и на сите клубови за кои играв – Рен, Дортмунд и Барселона, каде учев покрај играчи како Меси и Иниеста. Ова беше големо искуство. Да го добијам овој трофеј е неверојатно и многу сум среќен.
Благодарност и до новата генерација на француската репрезентација и до селекторот, кој секогаш ме потсетува дека можам да играм за националниот тим. Сакам да им се заблагодарам на сите тренери и се надевам дека ќе триумфираме на Светското првенство следната година.“
За разлика од него, шпанската фудбалерка Аитана Бонмати, трипати во низа ја добива „Златната топка“ во женска конкуренција.

ПСЖ беше избран за најдобар тим во машка конкуренција, додека кај дамите тоа е Арсенал.
Џанлуиџи Донарума е најдобар голман, а Луис Енрике ја доби наградата за најдобар тренер во светот. Кај дамите, Ана Хемптон е најдобра голманка, а Сарина Вигман е најдобар тренер.
Еве го прегледот на добитниците на наградите од 69. церемонија на „Златната топка“:
Најдобар фудбалер: Oсман Дембеле
Најдобра фудбалерка: Аитана Бонмати
Најдобар тренер: Луис Енрике
Најдобар женски тренер: Сарина Вигман
Најдобар млад играч: Ламин Јамал
Најдобра млада фудбалерка: Вики Лопез
Најдобар голман: Џанлуиџи Донарума
Најдобра голманка: Хана Хемптон
Најдобри стрелци: Виктор Ѓокереш и Ева Пајор
Трофеј „Сократес“: Фондасион Ксана
Најдобар машки клуб: ПСЖ
Најдобар женски клуб: Арсенал