Репрезентативецот на Турција со потекло од Охрид и член на Kливленд кавалирс, Чеди Осман, вчера за првпат почувствува како е да се биде дел од еден Ол-стар викенд во НБА. Осман беше дел од тимот составен од играчи од светот, а загуби (161:144) од тимот на САД во мечот на Ѕвездите во подем.
По средбата, Охриѓанецот истакна дека му е мило што доби шанса да учествува во овој спектакл, а посебно вели дека има одлично разбирање со Богдан Богдановиќ и Лука Дончиќ.
„Убаво искутсво, важно беше да се забавуваме, но секако дека ни е жал што загубивме. Со Лука и Богдан сум доста близок, особено бидејќи зборуваме на ист јазик. Со Богдан се знам подолго време, додека со Дончиќ се запознав кога го носеше дресот на Реал Мадрид и имаме добра конекција“, истакна Осман.
Кошаркарот на Кливленд на тој меч носеше патики со македонското и турското знаме, а заврши со учинок два поени, три скока, четири асистенции и две украдени топки.