Немавме решение за борбената екипа на Академија Пандев. Гостите одиграа максимално пожртвувано, а ние не се снајдовме најдобро. Имавме неколку шанси, но и погрешен пристап во одредени делови од мечот. Се обидувавме низ средината, каде што беше најгусто и не ни успеа да го избегнеме поразот, вели Ќатип Османи.
Шкендија беше изненадена во Тетово, во дербито на 17-тото коло, а струмичани со голот на Марио Крстовски освоија важни три бода и ја прекинаа серијата на домаќинот од 7 победи во серија во Првата македонска лига.
„Имаме и многу повредени играчи сезонава, но немаме многу време пред нас бидејќи ни остануваат уште два меча до паузата. Се надевам дека ќе ја победиме Ренова во првенството и Победа во купот. Се уште сме први на табелата, со три бода предност пред Вардар, и нема простор за паника“, додаде Османи за клупската интернет-страница на Шкендија.
Актуелниот првак ќе биде есенски првак без разлика на исходот од последниот меч од првата етапа против Ренова на втори декември, а три дена подоцна ќе ѝ гостува на Победа во реванш-натпреварот од четврт-финаналето од националниот куп. Првиот дуел го добија прилепчани како гости со 1-0.