Фудбалската репрезентација на Македонија славеше со 3:1 против Ерменија во пријателскиот натпревар кој се играше во Струмица и се рехабилитира од саботниот пораз од Украина (0:2) во квалификациите за ЕП 2024.
Селекторот Благоја Милевски се одлучи да направи осум измени во однос на тимот кој го започна мечот во Прага против Украина, ги ослободи дел од најстандардните рперезентативци, но во Струмица одлично одиграа нивните „замени“.
Црвено-жолтите беа подобар тим во текот на целиот натпревар и добрата игра ја крунисаа со три гола, еден во финишот на првиот дел, друг на стартот од второто полувреме, а третиот во финишот на мечот.
Македонија се закани уште во првата минута со шутот на Алими, но голманот на Ерменците, Чанчаревиќ, ја исфрли топката во корнер. Црвено-жолтите ја контролираа играта во првото полувреме и на Ерменците им дозволија само еднаш посериозно да се заканат, преку Ранос, чиј удар го одбрани Шишковски.
Добрата игра во првиот дел беше крунисана со гол во 43-тата минута, и тоа преку Александар Трајковски на асистенција на Елмас.
Црвено-жолтите во вториот дел продолжија таму каде што застанаа во првиот, во 52-рата минута го удвоија водството. Елмас со шут од 15-тина метри ја погоди стативата, но на одбиената топка натрча Милан Ристовски, кој немаше проблеми да го совлада Чанчаревиќ.
До крајот на мечот, избраниците на Милевски го намалија ритамот, но во финишот, во 88-мата минута, по одличната контра на Елиф Елмас, во дебитанскиот меч во дресот на Македонија во листата на стрелци се запиша Ердон Даци. Во последните моменти од мечот, Ерменија преку Спертцијан постигна почесен гол за конечни 3:1.