Освои 30 големи трофеи, вчера „ја реши“ Барселона, а вечерва ќе го добие најголемото признание

Карим Бензема во кариерата има постигнато над 400 погодоци на клупски план, ги има освоено сите најважни трофеи и веќе 14 години е дел од најтрофејниот клуб во светот – Реал Мадрид. Бензема не само што игра за Реал, туку тој е еден од главните играчи во „жнеењето“ на трофеи на Кралскиот клуб.

Токму Бензема беше најзаслужен што Реал моментално го има приматот на шпански првак, но и европски владетел. Францускиот голгетер дури петпати ја освојуваше Лигата на шампионите со Реал, а со мадридскиот гигант се има радувано вкупно на 23 пехари во шест различни натпреварувања. Останатите седум титули му се како играч на Олимпик Лион.

Минатата сезона беше посебно добра за Бензема. Во вкупно 46 меча за Реал даде 44 погодоци и 16 асистенции, па не случајно се очекува токму Бензема вечерва да биде крунисан за најдобар играч во изборот на „Франс фудбал“ и да ја освои најпрестижната индивидувална награда „Златната топка“.

Бензема никогаш досега не ја добил оваа награда, која Кристијано Роналдо ја освојувал петпати, а Лионел Меси е рекордер со седум вакви одличја. Според прикажаното и освоеното во изминативе 12 месеци, Бензема дефинитивно е број 1 и ќе биде шок ако тој не биде промовиран во најдобар фудбалер во овој елитен избор.

- Оглас -

Најнови вести