Прославениот голгетер, Самуел Ето ја заврши кариерата. Играчот кој имаше блескава кариера, реши дека е доста. Прекинува на 38 години, а последен негов клуб беше Катар СЦ.
Ето почна како дел од младинскиот тим на Реал Мадрид, но откако не доби шанса во Кралскиот клуб, замина во Мајорка. Неговиот талент го забележаа од Барселона, па во 2004 година преистигна на „Камп Ноу“. Помина пет години во каталонскиот гигант и се радуваше на три титули во првенството, една во Купот на Шпанија, две во Суперкупот, како и две титули во Лигата на шампиони.
Потоа направи трансфер во Интер и уште во првата сезона повторно ја освои Лигата на шампионите. Тогаш Ето во нападот беше заедно со Диего Милито и нашиот Горан Пандев. По две сезони во Интер, се пресели во Анжи во Русија, а потоа играше и во Челзи, Евертон, Сампдорија, Аланијаспор, Коњаспор и на крајот во Катар.
За репрезентацијата на Камерун одигра 118 мечеви и даде 56 голови, а со националниот тим се радуваше на златниот медал на ЛОИ во 2000 година, како и златните трофеи на Африканскиот куп на нации во 2000 и 2002 година.