Неполни 24 часа откако сопствениците на Манчестер јунајтед, американското семејство Глејзер, одлучи да го стави на продажба клубот и веќе е познат фаворитот кој би требало да биде нов газда.
Таблоидот „Дејли мејл“ пишува дека семејството Глејзер е подготвено да го продаде Манчестер јунајтед и очекува понудите да не бидат помали од пет милијарди фунти.
Тие веќе ги ангажирале „Рејн групацијата“ и „Ротшилд компанијата“ како ексклузивни финансиски советници во процесот на продажба на клубот.
Семејството Гелјзер и официјално со соопштение се огласи вчера вечерта, во кое нагласија дека сакаат да овозможат иден раст на Манчестер јунатед, но „ќе ги разгледаат сите стратешки алтернативи, вклучително и нови инвестиции во клубот, продажба или други трансакции“.
Американците го купија Манчестер јунајтед 2005 година и со сер Алекс Фергусон на клупата, Црвените ѓаволи освојуваа трофеи. Но, по неговото заминување во пензија во 2013 година, изостанаа резултатите на кои беа навикнати навивачите, а големите вложувања од 790 милиони фунти генерираа и голем долг.
Според „Дејли мејл“ сумата за која Манчестер јунајтед би бил продаден се движи меѓу пет и девет милијарди фунти, а таблоидот го знае и главниот фаворит за купување на мнозинскиот пакет-акции.
Тоа е најбогатиот Британец, Сер Џим Ретклиф, кој е долгогодишен навивач токму на Манчестер јунајтед и кој долго време се поврзува со можно преземање на Црвените ѓаволи.
Ретклиф се споменуваше и со купување на Челзи во мај годинава, но неговата доцна понуда пропадна и Сините беа купени од Американецот Тод Боли.
„Доколку Јунајтед е на продажба, Џим е дефинитивно потенцијален купувач“, потврди портпаролот на Ретклиф.
Претходно и сопствениците на Ливерпул, „Фенвеј Спорт групата“, соопштија дека се подготвени да го продадат тимот доколку пристигне вистинска понуда.
Економските експерти сметаат дека Американците биле мотивирани да ги продаваат премиерлигашите поради големите суми што би можеле да ги добијат, но и од неповолните економски прогнози поврзани со Обединетото Кралство. Како една од причините исто така се споменува и пропаѓањето на проектот европска Суперлига.