Зинедин Зидан по заминувањето од клупата на Реал Мадрид во 2021 година, сè уште е без ангажман, а тоа може да се промени налето бидејќи неговото име се поврзува со три тима, пишува „Атлетик“.
Зидан се надеваше дека ќе биде новиот селектор на Франција, но пласманот на Триколорите во финалето на Светското првенство што се одржа во Катар го остави Дидие Дешан на клупата до 2026 година.
Згора на тоа, агентот на Зидан ги демантираше шпекулациите дека Французинот ќе биде нов селектор на Бразил и најави дека неговиот клиент ќе му се врати на клупскиот фудбал.
„Атлетик“ и неколку француски медиуми пишуваат дека Зидан сега има три можности.
Првата е враќање во Реал Мадрид, но последниот збор ќе го имаат актуелниот тренер Карло Анчелоти и претседателот Флорентино Перес. Анчелоти има договор со Кралевите со 2024 година, а Реал Мадрид засега игра одлично под негово водство.
Кралевите минатата сезона триумфираа во Ла Лига и во Лигата на шампионите, а Анчелоти изјави дека би сакал да го одработи договорот до крај и потоа да замине во пензија.
Втората можност е враќање во Јувентус, клуб во кој играше од 1996 до 2001 година. За Зидан да седне на преговорачка маса со челниците на Јувентус, условот е Старата дама да обезбеди пласман во Лигата на шампионите следната сезона, што во овој момент претставува тешка мисија поради одземањето 15 бода поради финансиски малверзации, пишува „Атлетик“.
Но, италијанските медиуми тврдат нешто друго, доколку Јувентус на крајот обезбеди пласман во ЛШ, тогаш актуелниот тренер Масимилијано Алегри ќе добие нов договор.
Третата можност за Зидан е фраќање во францускиот фудбал, но не како тренер на ПСЖ, туку на Олимпик Марсеј.
Марсеј е еден до најтрофејните француски клубови кој во наредниот период би требало да биде купен од страна на саудиски инвестициски фонд, кој веднаш би инвестирал поголема сума пари за засилувања со цел да ја прекине доминацијата на ПСЖ во Лига 1.
„Атлетик“ на крајот пишува дека доколку не седне на клупата на еден од овие три тима, Зидан би можело да си земе уште една година одмор од фудбалот и да ја чека 2024 година, кога сигурно би било слободно тренерското столче во Реал Мадрид.