Ова го може само фудбалот: Прелета 4.000 км за да избега од кошмарот и стана херој на една бајка (Видео)

По голема борба и повеќе од 120 минути поминати на теренот, Атлетик Билбао со 4:2 ја победи Барселона и се пласира во полуфиналето на Купот на Шпанија. Вистинска драма беше мечот на кој двете екипи имаа водство во регуларниот дел, а на крајот заврши 2:2, па мораше да се играат продолженија.

Во дополнителните 30 минути, браќата Вилијамс беа хероите на Атлетик. Најпрво Ињаки Вилијамс погоди за 3:2 во последните моменти од првото продолжение, па во последните секунди од мечот, победата ја завери Нико Вилијамс погодувајќи за 4:2.

Посебно интересна е приказната за Ињаки, кој воопшто не беше планиран да игра на дуелот против Барселона. Голгетерот уште пред 20-тина дена замина на репрезентативни обврски со Гана, која беше дел од Африканскиот куп на нации. Гана важеше за еден од фаворитите за висок пласман, но доживеа шок во групната фаза.

По трите меча, Гана освои само два бода и не се пласира во нокаут-фазата. Во последното трето коло, Гана водеше со 2:0 против Мозамбик, но аутсајдерот имаше неверојатен финиш и постигна два погодоци во судиското надополнување, кои значеа и елиминација за Гана.

Ињаки беше шокиран поради неуспехот со Гана, но се фокусираше веднаш како да се врати во Шпанија и да стигне навреме за дуелот против Барселона. Со приватен авион навреме успеа да пристигне, но поради заморот, не доби шанса во почетниот тим. Влезе во игра во 60-тата минута и беше планирано да одигра 30 минути. Сепак, по продолженијата, доби дополнителни 30 минути во кои се претвори во херој постигнувајќи го погодокот за 3:2.

„Ниту во моите најубави соништа не можев да го замислам ова. Сè беше перфектно. Вчера не ни можев да замислам дека ќе бидам тука по разочарувањето што го доживеав со Гана“, рече веднаш по мечот среќниот Ињаки Вилијамс.

 

- Оглас -

Најнови вести