Привлекувањето на Ферлан Менди на 12 јуни 2019 година е последната трансакција на Реал Мадрид за играч од првиот тим и кога ќе почне летниот преоден рок, Кралскиот клуб ќе има полни две години без да купи нов фудбалер.
Пандемијата е главна причина за штедењето во последната година кај мнозинството гиганти на европскиот фудбал. Реал не купува играчи, но се трошат пари на реновирање на стадионот, кој ќе биде супермодерен. Летово во клубот има и претседателски избори, кандидатите ќе ветуваат скапи засилувања, па сигурно ќе се потрошат милиони евра за освежување на тимот, но две години без купен играч се многу.
Реал се специјализира за позајмици, многу играчи испрати во други клубови, потрошените 300 милиони во 2019 година не го дадоа посакуваниот резултат.
Порано Флорентино Перес ги уриваше светските рекорди на најскапи трансфери, но сега беше принуден да ја смени политиката и да се посвети на реновирањето на стадионот. Сепак, по изборите, ако ја добие довербата, ќе мора „да ја извади змијата од џебот“, навивачите ги интересираат титули, а не спектакуларноста на стадионот.