Триумфот на Англија над Чешка од 5-0, покажа дека „Гордиот Албион“ веројатно нема да има проблем да се пласира на Европското првенство кое се игра следната година, а главна ѕвезда на вечерта на „Вембли“ беше Рахим Стерлинг, кој даде три гола и заслужено беше испратен со овации од публиката. Англија има серија од 11 победи по ред во квалификациски мечеви.
Од септември 2010 година не беше видено некој англиски репрезетативец да даде хет-трик на Вембли. Пред Стерлинг, тоа му појде од рака на Џермејн Дефо против Бугарија. И тоа Стерлинг головите ги даде од своите први три шута кон голот на Чесите.
Џејдон Санчо стана трети најмлад играч кој стартувал за „Гордиот Албион“ после Данкан Едвардс и Мајкл Овен, а Калум Хадсон Одои со 18 години и 135 дена е најмладиот Англичанец што победил на своето деби на официјален меч. Англија само уште еднаш, и тоа пред 138 години, играше со двајца репрезентативци кои немаат наполнето 19 години.
Мускули покажа и светскиот првак Франција, кој после три гола во првото полувреме, се задоволи и не сакаше да ја дотолчи Молдавија, па до крај даде само уште еден, а и прими гол. Луксембург со пресврт ја совлада Литванија, а Португалија и со Кристијано Роналдо во составот, и со напади 90 минути, не успеа да постигне гол против Украина.
РЕЗУЛТАТИ И СТРЕЛЦИ: Албанија – Турција 0-2 (Јилмаз, Чалханоглу), Андора – Исланд 0-2 (Бјарнсон, Кјартансон), Англија – Чешка 5-0 (Стерлинг 3, Кејн, Калаш автогол), Луксембург – Литванија 2-1 (Бареиро, Родригес – Черних), Молдавија – Франција 1-4 (Гризман, Варан, Жиру, Мбапе), Португалија – Украина 0-0.