Пад на Бундеслигашите во Германскиот куп

Второлигашите Хајденхајм и Хамбургер ќе играат во четврт-финалето на Германскиот куп по изненадувачките победи против Бундеслигашите Баер Леверкузен, односно Нирнберг.

Хајденхајм конечно успеа да елиминира екипа од најсилната германска лига, и тоа приредувајќи сензација со триумф од 2-1 против Баер Леверкузен.

На домашен терен, второлигашот направи комплетен пресврт и ги елиминира популарните „фармацевти“. Сè почна како по ноти за фаворитот, а Јулијан Брант во 44-тата минута му донесе предност на гостинот од Леверкузен.

Но, Хајденхајм најави дека нема лесно да се предаде и со голот на Никола Доведан на почетокот на второто полувреме израмни, а потоа и победи со нов гол во 73-тата минута. Стрелец за голема радост на „Војт арената“ беше Морис Мултоп.

Хајденхајм во претходните два обиди беше елиминиран од бундеслигаши во Купот, откако лани подобар беше Ајнтрахт Франкфурт, екипа која потоа и го освои пехарот, и Херта во 2016 година. Сега второлигашот успеа да му се реваншира и на Баер за елиминацијата во 2011 година.

Помало изненадување вечерва беше победата на Хамбургер против Нирнберг со 1-0. Беркај Озкан го постигна голот за четврт-финале во 54-тата минута, но тука шансите беа израмнети бидејќи Хамбургер е лидер во „Цвајта“, а Нирнберг е претпоследен во Бундеслигата, па може да се случи да си ги сменат местата за идната сезона.

- Оглас -

Најнови вести