Словенечкиот репрезентативец Бењамин Шешко е пред официјален трансфер во Манчестер јунајтед, потврди реномираниот трансфер-експерт Фабрицио Романо, кој ја објави својата позната фраза Here we go за реализацијата на трансферот.
Манчестер јунајтед ќе му исплати на германскиот клуб Лајпциг 76,5 милиони евра фиксна отштета, со можни бонуси во износ од дополнителни 8,5 милиони евра, со што вкупната вредност може да достигне 85 милиони евра.
Шешко вечерва заминува за Англија во придружба на своите агенти, каде што утре треба да ги заврши лекарските прегледи и да го потпише договорот со Црвените ѓаволи, кој ќе важи до 2030 година. Деталите за неговата плата сè уште не се објавени.
Словенечкиот напаѓач веќе подолго време важи за еден од најголемите таленти во европскиот фудбал. Неговата кариера почна во системот на Ред Бул, играше за Салцбург, Лиферинг и потоа за Лајпциг, каде што минатата сезона постигна 21 гол на 45 натпревари, вклучувајќи четири гола во Лигата на шампионите.
За сениорската репрезентација на Словенија има 41 настап и 16 гола.
Со доаѓањето на Шешко, Манчестер јунајтед ја комплетира третата голема офанзивна аквизиција летово. Претходно клубот ги донесе Брајан Мбеумо од Брентфорд и Матеус Куња од Вулверхемптон, секој за по 75 милиони евра.