Македонската кошаркарска репрезентација убедливо со 58:36 ја победи Норвешка во меч од третото коло во квалификациите за пласман на Европското првенство. Мечот во салата „26 Април“ во Гевгелија е историски за Македонија затоа што ова е дуелот на кој нашата репрезентација прими најмалку поени на еден меч.
Во речиси 30-годишната историја на македонската репрезентација досега никогаш не се имаше случено противникот да го задржиме под 40 дадени поени. Досегашниот рекорд на најмалку примени поени го имавме на дуелот против Унгарија, кога победивме со 78-44.
Норвешка, која имаше две победи во првите две кола во квалификациите, во Гевгелија едноставно не го „виде кошот“. Во првата и третата четвртина гостите постигнаа само по 11 поени, додека во втората и последната четвртина имаа само по 7 постигнати поени, па на крајот Македонија стигна до рекордно најдобра одбрана само со 36 примени поени.