Египќанецот Мохамед Салах оваа сезона не ја почна најдобро, падот во формата кај него е очигледен, но Ливерпул победува, и тоа е одлично за тимот. Аналитичарите се прашуваат како ли ќе изгледа Ливерпул кога и Салах ќе проработи?
По голот на Фирмино за победа над ПСЖ, камерите веднаш го покажаа Салах на клупата кој ги крена рацете, а го фрли на земја шишето со вода. Некои мислат дека се радувал, други дека е налутен, фрустриран, па дури и љубоморен.
Салах обично не седи на клупа кога на Ливерпул му треба гол за победа, но добро за тимот е тоа што веќе не се толку зависни од погодоците на Салах. Јасно е дека рекордите во постигнати голови тешко се повторуваат и надминуваат, а покрај тоа, Салах летово го мина во лечење на рамото за да може да игра на Светското првенство.
Мо има само два гола на шесте меча (лани ова време имаше три гола, па падот во ефикасноста не му е драстичен, но Ливерпул имаше и пораз и реми), а Ливерпул ги доби сите шест средби, пет во Премиер лигата и еден во ЛШ. Во минатата сезона, Салах се разигра од 17-ти октомври до 30-ти декември, кога имаше 17 гола на 17 меча.
Предизвикот следува наскоро и шансата за Салах повторно да ги полни противничките мрежи за да не жалат во клубот што не го продадоа летово.