Дома Blog Страница 10819

Ако помине вирусот, Ангеловски може да ја преслика струмичката стартна постава

Замената со повредениот Дарко Велковски и дополнително повиканиот Ѓоко Зајков му овозможува на селекторот Игор Ангеловски да ја репризира стартната постава на македонската фудбалска репрезентација од последниот меч против Лихтенштајн.

Утре, во Скопје, од 20.45 часот во третиот меч од Лигата на нациите играме против селекцијата што лани ја победивме убедливо во квалификациски дуел за настап на Мундијалот во Русија.

Во Струмица лани, во октомври го декласиравме Лихтенштајн со 4-0, а и за утрешниот меч сите 11 репрезентативци што беа стартери тогаш, веројатно ќе бидат подготвени за нов настап против истиот ривал.

Проблем е стомачниот вирус кај Бобан Николов, Стефан Спировски, Ферхан Хасани и Мите Цикарски, но веројатно е дека квартетот ќе биде подготвен за игра.

Лани, на деветти октомври, Македонија играше во формација 4-4-2 и во Струмица во надмоќна игра го декласира Лихтенштајн со головите на Муслиу, Трајковски, Барди и Адеми.

Еве ја стартната постава од тој меч што селекторот Ангеловски може да ја репризира и за утрешниот меч во Скопје.

Димитриевски – Ристовски, Муслиу, Зајков, Ристевски – Алиоски, Барди, Хасани, Трајковски – Пандев, Несторовски.

 

Во Подгорица се подготвува пекол за „манекените“

Црногорските љубители на кошарката со нетрпение го очекуваат појавувањето на првакот на АБА-лигата, Будуќност, во Евролигата. Тоа ќе се случи од 18.45 часот, во реновираната сала „Морача“, а најавите од Подгорица се дека „ќе нема игла каде да падне“. Будуќност не играл дома евролигашки меч уште од шести февруари 2003, или 5.728 дена.

Гостинот е Армани Милано, кому нема да му биде лесно во таа пеколна атмосфера. Поранешниот македонски селектор, а сега тренер на Будуќност, Александар Џикиќ, во тимот донесе неколку засилувања, но резултатите засега не се според очекувањата.

Едвин Џексон дојде како прв стрелец во шпанската лига. И „манекените“ од Милано го реновираа составот во споредба во минатата сезона. Го купија Немања Недовиќ, кој беше втор стрелец во Евролигата. Џексон и Недовиќ играа заедно во Уникаха пред три сезони.

Член на Армани е Владимир Мицов, кој од 2005 до 2009 беше играч на Будуќност. Тимот од Милано првпат гостува во Црна Гора. Во поширокиот состав на Будуќност, дури 11 играчи ќе бидат дебитанти во Евролигата.

Вечерва во Евролигата играат уште Химки – Олимпијакос, Жалгирис – Басконија и Фенербахче – Гран Канарија.

Против Русија младите играат за престиж

Младата македонска репрезентација за фудбалери до 21 година одамна ги загуби шансите за настап на Европското првенство во Италија и Сан Марино следната година, но останува битката за престиж.

Денеска, од 18 часот, во Тула избраниците на селекторот Добринко Илиевски ќе се обидат да го изненадат фаворитот и да се реваншираат за несреќниот пораз во Скопје од 3-4.

Тогаш Русите во снежното Скопје славеа со голот на Бакаев во 94-тата минута.

„Русија има шанси за да се пласира на европското првенство, а ние, за жал, го пропуштаме овој циклус. За нас мечот нема некое резултатско значење, но сепак сме дојдени со голема желба за успех. Сега сме во процес на градење на една нова селекција која ќе може да игра и во следниот квалификациски циклус. Ќе играме за нас, за нашиот рејтинг и за Македонија. Овие момци имаат квалитет и веруваме дека ќе одиграме добар меч против фаворитот Русија“, изјави Илиевски.

Македонија има само 4 бода на претпоследната позиција во седмата група, а Русија е третопласирана со 16 бодови и на две кола до крајот на квалификациите, има шанса за настап во баражот.

 

Најбрзиот човек на светот е мајстор и за фудбал (Видео)

Легендарниот спринтер Јусејн Болт, кој ги држи светските рекорди на 100 и 200 метри, ја заврши атлетската кариера, а се покажува како успешен и во фудбалот. Јамајчанецот настапи за австралискиот тим Сентрал коуст маринерс и даде два гола на пријателскиот меч со второлигашот Маркатур Саут вест јунајтед.

При водство на „морнарите“ од 2-0, Болт постигна убав гол за 3-0, во стил на голгетер кој долго време игра фудбал. Подоцна, тој уште еднаш ја затресе мрежата на противникот, користејќи ја грешката на голманот.

„Првпат стартер и дадов два гола. Прекрасно е чувството. Му покажав на светот дека напредувам, сакам долго време да играм за Маринерс“, изјави Болт, кој има тренирано со Борусија Дортмунд, а еднаш настапи и на „Олд Трафорд“.

Ова се головите на Болт:

https://twitter.com/twitter/statuses/1050691463527456769

Дербито на денот без публика

Натпреварите од фудбалската Лига на нации се вистински предизвик и денеска да ги посетите обложувалниците SPORT LIFE и да се обидете да ги погодите исходите од понудата која се нуди овој петок. Доколку не знаете за што да се одлучите, Ви помагаме со пет предлози.

Хрвaтска – Англија (20.45 часот)

Репризата од полуфиналето на Светското првенство нема да биде спектакл каков што треба да биде бидејќи Хрватите се казнети да играат без публика. Хрватска многу лошо го почна настапот во Лигата на нациите, беше разбиена од Шпанија со 0-6, па сега треба да се вади против „Гордиот Албион“, кој исто така загуби од „црвената фурија“. Англичаните се мотивирани да се реваншираат за поразот во полуфиналето на СП. Во англискиот тим ќе има дури шест дебитанти.

Предлог тип: 1-3 I& 1-3 II (2.20)

 

Белгија – Швајцарија (20.45 часот)

Третата фудбалска сила во светот според ранг-листата на ФИФА, по Мундијалот, одигра два меча кои ги доби со вкупна гол-разлика 7-0. Пред две ипол години, Белгија ја победи Швајцарија со 2-1, а би требало и вечерва да триумфира, особено што игра дома.

Предлог тип: Т1 1+I & T1 2+ (2.20)

 

Австрија – Северна Ирска (20.45 часот)

Ова е дуел на две репрезентации кои во Лигата на нациите загубија од Босна и Херцеговина, па сега ќе бараат бодови за вадење од непријатната ситуација. На хартија, Австрија е посилна и не би требало да загуби. Австрија има серија од 10 меча по ред без нерешен исход.

Предлог тип: 1Х & 2-4 (1.90)

 

Естонија – Финска (20.45 часот)

Во Талин, соседите Естонија и Финска играат повторно по нивната пресметка на 11-ти септември. Тогаш Финците триумфираа со 1-0, а и сега не би требало да има премногу голови. Финска е во низа од три победи (сите без примен гол), а Естонија има четири порази по ред и на тие четири меча даде само еден гол.

Предлог тип: 2 (2.25)

 

Белорусија – Луксембург (20.45 часот)

Домашните се фаворити според квотите, но двете победи на Луксембург во Лигата на нациите најавуваат дека тие се во подобра форма во моментов. Луксембург има три победи по ред, со гол разлика 8-0. Белорусите на последните три меча по еднаш победија, загубија и ремизираа. Од десетте меѓусебни дуели, дури девет беа со 0-2 гола.

Предлог тип: Х2 (2.12)

Хабиб доби понуда да стане кечер

Хабиб Нурмагомедов се закани дека ќе го напушти натпреварувањето на УФЦ ако членот од неговиот табор биде суспендиран. Дел од луѓето кои беа со Нурмагомедов, влетаа во рингот по мечот и се степаа со Мекгрегот, а најавите се дека може да добијат доживотна суспензија.

Борачот од Дагестан откри дека веднаш има опција за да го смени натпреварувањето на УФЦ. Тој добил понуда да се бори во ВВЕ организацијата или популарно познатите кечери. Хабиб тоа го откри и на социјалните мрежи, каде што и побара мислење од своите навивачи.

„Од ВВЕ ме прашаа дали сакам да им се приклучам. Што мислите вие за тоа?“, напиша Хабиб на својот профил на „Инстаграм“.

 

 

Михајлоски и Јанески повторно во Гостивар

Искусните кошаркари родени во Гостивар, Слободан Михајлоски и Бранко Јанески, се вратија во клубот од нивниот роден град и во следниот период ќе ја зголемат ротацијата на центарската и крилната позиција во тимот на тренерот Марјан Србиноски.

Михајлоски и Јанески, кои во минатата сезона настапуваа за АВ Охрид, ги завршија сите формалности и уште денеска ќе се приклучат во тренинзите.

Михајлоски има 36 години и по 13 години се враќа во тим од родниот град. Во меѓувреме, ги носеше дресовите на Фени индустри, Работнички и АВ Охрид.

Јанески има 31 година, кариерата ја почна во Гостивар, од каде што прејде во МЗТ Скопје. Бил член уште на Фени, АБА Струмица, Т-баскет Тетово и АВ Охрид.

Екипата на Гостивар во првото коло минимално го совлада Кожув, а во недела ќе гостува кај Куманово, во можеби најинтересниот меч во второто коло, од кој ќе има и телевизиски пренос.

Деветката на младинците лоша најава за тимот А на Лихтенштајн

Младинците на Лихтенштајн доживеаја вистински бродолом и тежок пораз од 0-9 против врсниците од Португалија, а според тоа каква е состојбата и во селекцијата А со повредените играчи, се стравува од реприза во Скопје.

Сениорскиот тим на Лихтенштајн утре ќе игра против нашата селекција во меч од Лигата на нациите од 20.45 часот на националната арена во Скопје.

„Ѓаволски тежок пораз на нашата млада селекција. Не помогна ниту прекомандата на Денис Салановиќ од тимот А кај помладите фудбалери. И сениорската селекција има проблеми со повредени играчи, а и кога бевме комплетни, загубивме во Струмица со 0-4 од Македонија. Ова се тешки моменти за нашиот фудбал“, пишува Мануел Мозер, новинар во весникот „Фолксблат“.

Селекторот Рене Паурич сигурно нема да може да смета на тројца фудбалери, а уште двајца се неизвесни. Салановиќ, кој вчера играше за младата селекција, има парни жолти картони, а поради повреди, нема да настапат ниту Квинтанс и Кун. Дополнително, на повреди се пожалија и Мартин Бухел, кој има најмногу настапи од актуелниот состав на Лихтенштајн, и Винценц Флац.

Лани, исто така во октомври, го декласиравме Лихтенштајн со 4-0 во Струмица, а тогаш гостите имаа се чини посилен состав од актуелниот што утре ќе ни се спротивстави во Скопје.

 

Линдзи Вон се повлекува на крајот на сезонава

Една од најдобрите скијачки на сите времиња, Американката Линдзи Вон, ќе се пензионира по завршувањето на сезоната 2018/19. Вон има мотив да стане скијачка со најмногу победи на трките од Светскиот куп, но и да не успее, цврсто е решена да се повлече.

Вон, која има 33 години, во кариерата има 82 победи, со што е рекордерка во женска конкуренција, а првото место го држи Швеѓанецот Ингемар Стенмарк со 86 победи. Од тие 82 победи на Вон, 43 се во спуст, а 28 во супер-џи. Има и олимписко злато од 2010 година.

„Ова ќе биде моја последна сезона. Дефинитивно ќе се повлечам по оваа сезона. Ако го урнам рекордот на Стенмарк, ќе биде феноменално, но и да не успеам, ќе бидам задоволна од постигнатото во кариерата. Јас сум најуспешната натпреварувачка во историјата на женското скијање и мора да бидам горда на тоа“, изјави Вон, која по завршувањето на скијачката кариера, ќе се фокусира на работата во нејзината фондација која е посветена на едукацијата.

Новата сезона за Вон во СК почнува кон крајот на ноември, во канадски Лејк Луис.

Четворица македонски фудбалери се затруле!

Официјалниот тренинг на репрезентацијата A на Македонија е презакажан за 17.30 часот на Националната арена „Филип Втори“, додека прес-конференцијата на селекторот Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев ќе се одржи во 17 часот, информираа од Фудбалската федерација на Македонија.

Четворица фудбалери од националниот тим утринава се жалеле на стомачни мачнини, а лекарскиот тим ги презема сите мерки да ги оспособи фудбалерите за извршување на сите активности. Тоа е причината за одложувањето на денешните активности.

Тимот се подготвува за утрешниот меч со Лихтенштајн од Лигата на нациите.