Дома Blog

Мбапе избираше помеѓу Роналдо и Меси, па на крајот се одбра себеси

Ѕвездата на Реал Мадрид и капитен на француската репрезентација, Килијан Мбапе, даде интересни прогнози во пресрет на Светското првенство, вклучувајќи ја и вечната дебата меѓу Кристијано Роналдо и Лионел Меси.

Во еден предизвик во кој требаше да избере фудбалер за кого верува дека ќе постигне повеќе голови на Мундијалот, Мбапе помина низ низа светски фудбалски ѕвезди и ги изнесе своите предвидувања.

Французинот покажа голема доверба во младиот шпански бисер Ламин Јамал, кому му даде предност пред Флоријан Вирц, Мемфис Депај, па дури и пред Ерлинг Халанд.

Потоа, предност му даде на својот соиграч од Реал Мадрид, Винисиус, во однос на Јамал и капитенот на Англија, Хари Кејн.

Сепак, кога на ред дојдоа најголемите играчи на модерната ера, Мбапе сметаше дека Меси ќе постигне повеќе голови од Винисиус, но во изборот меѓу Аргентинецот и Роналдо, се одлучи за португалската легенда.

Со тоа му даде предност на својот долгогодишен идол пред актуелниот светски шампион.

Најинтересниот одговор, сепак, дојде на крајот од предизвикот.

Кога требаше да избере меѓу Роналдо и самиот себе, Мбапе немаше никаква дилема.

Францускиот напаѓач е убеден дека токму тој ќе постигне повеќе голови од славниот Португалец на претстојното Светско првенство.

За Мбапе, Мундијалот во САД, Канада и Мексико ќе има посебно значење по болниот пораз на Франција од Аргентина во финалето на Светското првенство во 2022 година, иако тогаш постигна хет-трик во едно од најдобрите финалиња во историјата на натпреварувањето.

Французинот во моментов има дури 12 голови на светските првенства, а на претстојниот турнир ќе се обиде да го стигне рекордот на легендарниот германски напаѓач Мирослав Клосе, кој со 16 погодоци е најдобар стрелец во историјата на Мундијалите.

Франција настапот на Светското првенство ќе го отвори со натпревар против Сенегал, а во групата ќе игра и против Ирак и Норвешка.

Реал понуди 150 милиони евра за Алварес, Атлетико бара 500 милиони евра!

Реал Мадрид и официјално испрати понуда до Атлетико Мадрид вредна 150 милиони евра за Хулијан Алварес. Сепак, обидот на Флорентино Перес беше неуспешен, бидејќи од градскиот ривал експресно ја одбија понудата и го известија дека Аргентинецот има откупна клаузула од 500 милиони евра.

„Јорганџиите“ со ова јасно испратија порака дека ако некој сака да го купи Хулијан Алварес ќе мора да ја активира откупната клаузула од половина милијарда евра.

Интерес за Хулијан Алварес има и од Барселона, а шпанските медиуми долго најавуваат дека токму „каталонците“ се желба и на самиот фудбалер, кој го известил раководството на клубот дека сака да се пресели во главниот град на Каталонија.

Пресврт: Нико Пас сака да остане во Комо, но последниот збор ќе го има Мурињо

Реал Мадрид може да остане без планираното засилување, откако Нико Пас побарал да остане уште една сезона во Комо. Сепак, според шпанските медиуми, последниот збор ќе го има новиот тренер на „кралевите“, Жозе Мурињо, кој треба да одлучи дали младиот фудбалер му е потребен.

Нико Пас имаше одлична сезона со Комо и сензационално успеа да дојде до пласман во Лигата на шампионите, па желбата на Аргентинецот е да биде дел од екипата која ќе настапи во елитното натпреварување.

Аргентинецот беше дел од втората екипа на „кралевите“, а за првиот тим одигра четири меча во сезоната 2023/24, пред да се пресели во Комо, но Реал Мадрид има право да го врати на „Сантијаго Бернабе“.

Одлични вести за Бразил: Нејмар ќе биде подготвен за првиот меч на Мундијалот?!

Навивачите на Бразил конечно добија добри вести, барем што се однесува до првата ѕвезда на „кариоките“, Нејмар. Познато е дека тој се појави на собирот повреден, па медицинскиот тим најави дека Нејмар ќе биде подготвен за вториот меч на Мундијалот, против Хаити на 20 јуни.

Сепак, според последните најави, Нејмар може да се најде во составот на Бразил веќе на дуелот против Мароко на 14 јуни, а тоа значи дека рехабилитацијата се одвива одлично и побрзо од очекуваното.

Повикот на Нејмар за настап на Светското првенство од страна на селекторот Карло Анчелоти беше дочекано со воодушевување од навивачите на „кариоките“.

Во Манчестер сити се подготвува „чистка“: Осуммина си заминуваат?!

Манчестер сити се подготвува за голема реконструкција на тимот ова лето, а клубот би можело да се раздели дури со осуммина фудбалери од првиот состав. Големите промени доаѓаат веднаш по заминувањето на тренерот Пеп Гвардиола, кој стави крај на својата славна десетгодишна ера на „Етихад“, во која освои дури 20 трофеи.

Се очекува Каталонецот да биде заменет од својот поранешен ученик Енцо Мареска, но тренерската промена е само почеток на трансформацијата. Веќе е потврдено дека клубот го напуштаат долгогодишните членови на тимот Џон Стоунс и капитенот Бернардо Силва.

Една од најизненадувачките вести е поврзана со Рубен Дијаш. Португалскиот стопер сериозно се поврзува со трансфер во Реал Мадрид. Кралскиот клуб повторно ќе го назначи Жозе Мурињо за тренер, а Португалецот сака токму Дијаш да биде еден од столбовите на неговата одбрана.

Неизвесна е и иднината на Јошко Гвардиол. Хрватскиот репрезентативец пропушти голем дел од сезоната поради скршеница на ногата, но се врати во завршницата на кампањата. Сити му понуди нов договор, но тој сè уште ги разгледува своите опции. Силен интерес за него покажуваат и Реал Мадрид и Баерн Минхен.

На листата на потенцијални заминувања се наоѓаат и Нејтан Аке, Матео Ковачиќ, Тијани Рејндерс, Нико Гонзалес, Рико Луис, Омар Мармуш и Џејмс Трафорд. Причините се различни – некои не се задоволни од минутажата, додека други можеби нема да бидат дел од плановите на Мареска за следната сезона.

Клубот планира да се раздели и со крилниот напаѓач Савињо, кому ќе му биде дозволено да си пронајде нова средина.

Македонија и вторпат поразена од Азербејџан за трето место во квалификациската група

Женската фудбалска репрезентација на Македонија со домашен пораз од Азербејан ги заврши квалификациите за пласман на Светското првенство. Нашите фудбалерки во Битола беа поразени со 1-3 од Азербејџанките, кои на крајот завршија на втората позиција во групата.

Македонија финишираше на третото место, додека позади нас заврши само селекцијата на Андора. Првото место во групата го освои Унгарија, која ќе биде дел од баражот за пласман на женскиот Мундијал.

Дуелот во Битола беше одлучен уште во првото полувреме, со оглед дека конечните 1-3 беа поставени уште по првите 45 минути. Гостинките од Азербејџан дојдоа во водство преку Бакаранѕе уште во осмата минута, но Хава Мустафа израмни само три минути подоцна.

Азербејџанките се вратија во водство во 28-мата минута преку Молајева, додека на 1-3 зголеми Мирзалиева во 37-мата минута.

Калафиори е желба на Мурињо, Реал ќе му ја исполни

Шпанските медиуми пренесуваат дека Реал Мадрид е во контакт со Арсенал и се обидува да го обезбеди трансферот на италијанскиот репрезентативец Рикардо Калафиори.

Идниот тренер на Кралевите, Жозе Мурињо, наводно изречно го побарал доаѓањето на Калафиори. „Специјалниот“ се враќа на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ по реизборот на Флорентино Перес за претседател на клубот.

Договорот околу преземањето на тренерската функција од страна на Мурињо е во завршна фаза, а според информациите на „Скај спорт“, клубот веќе работи на исполнување на неговите желби.

Италијанскиот медиум тврди дека претставници на Реал Мадрид стапиле во контакт со челниците на Арсенал за да добијат информации околу достапноста на Калафиори. Мадридскиот клуб покажал сериозен интерес за негов ангажман ова лето, но засега преговорите не отишле подалеку од почетниот телефонски разговор.

Реал Мадрид планира дополнително да го засили тимот и со ангажманот на десниот бек Дензел Дамфрис од Интер.

Холандскиот репрезентативец би требало да ги напушти Неразурите за сума од околу 20 милиони евра, благодарение на откупната клаузула во неговиот договор која стапи на сила претходно овој месец.

Група „Ф“: Холандија е најзвучното име, но своја математика имаат и Шведска, Јапонија и Тунис (Фото)

Во групата Ф ќе играат Холандија, Јапонија, Шведска и Тунис. Лалињата се големо фудбалско име кога станува збор за Светските првенства. Сепак, веќе подолго време не се толку убедливи како во ерата на Кројф, Ван Бастен и Ван Нистелрој. Затоа не е исклучено да го испуштат првото место во групата Ф.

Веројатно ова е најизедначената група на овогодишното Светско првенство. Нема јасен фаворит за првото место, но нема ниту изразен аутсајдер. Изгледа дека секој може да го победи секого, а токму тоа е убавината на Светското првенство. Предноста на Холандија е историјата и традицијата и препознатливата фудбалска школа.

Холандија е најквалитетната репрезентација во групата, но одамна поминаа времињата кога важеше за самиот крем на светскиот фудбал. Од друга страна, Тунис спаѓа меѓу селекциите со најмалку индивидуален квалитет. А што да се каже за Швеѓаните? Катастрофално ги одиграа квалификациите и завршија убедливо последни во својата група, зад Словенија, Косово и Швајцарија. Сепак, до Светското првенство стигнаа преку Лигата на нациите, а во баражот играа како Бразилци. Ако продолжат во ист ритам, лесно би можеле да избегнат последно место во групата.

Всушност, Јапонија изгледа како најстабилната репрезентација во групата Ф, особено ако се земе предвид дека ова ќе биде нивно осмо последователно учество на Светско првенство.

Натпреварите главно ќе се играат во Тексас, но ќе има и гостувања во Канзас Сити и Мексико. Во целата оваа приказна, најдобро помина Холандија, која нема да мора многу да патува со авион. Лалињата сите три натпревари ќе ги одиграат на територијата на САД – два во Тексас и еден во Канзас Сити.

Шведска, Јапонија и Тунис ќе мора да патуваат и до Мексико, односно Гвадалахара.

Комплетната понуда на Sport Life за Светското првенство и сите специјални игри може да ги најдете ТУКА.

Ливерпул е фаворит за ѕвездата на Спортинг Лисабон

Ливерпул се смета за фаворит во трката за ангажман на крилниот напаѓач на Спортинг Лисабон, Франсиско Тринкао, во текот на летниот преоден рок.

Според португалските медиуми, Црвените се подготвени да ја активираат откупната клаузула на португалскиот репрезентативец, која изнесува 50 милиони фунти. Сепак, евентуалниот трансфер најверојатно ќе зависи од заминувањата од „Енфилд“ по доаѓањето на новиот менаџер Андони Ираола.

Тринкао веќе има искуство во Премиер лигата откако една сезона настапуваше како позајмен играч во Вулверхемптон. Во дресот на Волците одигра 28 натпревари во англиската елита и постигна два гола. Дваесет и шестгодишниот фудбалер може да игра и како офанзивен играч за врска зад напаѓачот.

Ливерпул бара замена за легендарниот Мохамед Салах, кој го напушти клубот по девет години на „Енфилд“. Најверојатно и Федерико Кјеза ќе си замине од клубот, додека иднината на Коди Гакпо сè уште е неизвесна.

Меѓу главните трансферни цели на Ливерпул се наоѓа и 19-годишниот Јан Диоманде од Лајпциг.

Фабијани: „Миленко Неделковски е еден од малкумината искрени луѓе во фудбалот, поради него сум во Вардар“

Вардар веќе втор ден се подготвува за новата сезона под водство на новиот тренер Кристијан Фабијани. Аргентинецот го наследи Гоце Седлоски, кој ја презеде селекторската функција во репрезентацијата на Македонија.

„Задоволен сум како се подготвени играчите и како се појавија на првиот тренинг. Имаме големи амбиции, зацртани цели, но ова е фудбал ќе видиме што ќе се случи во следниот период. Македонската лига е компетитивна. Лигата расте, но ние мораме со добра работа, треба да двоиме и да ги исполниме амбициите на раководството на клубот.“ – рече новиот тренер на Вардар, Кристијан Фабијани.

Актуелниот шампион на Македонија веќе в четврток се сели во Италија, каде ќе биде одработен главниот дел од подготовките за учеството во Лигата на шампионите.

„Самото доаѓање во најдобриот клуб во Македонија е предизвик за мене. Сакам да се докажам, верувам во тоа што го работам. Најважно ми е да направам една хомогена група на играчи, да бидат како семејство. Тоа го имам направено и знам дека тоа е многу важно. Верувам дека и на интернационална сцена може да имаме добар настап.“ – додаде Аргентинецот.

Фабијани исткна дека најзаслужен за преземањето на Вардар е извршниот директор на клубот, Миленко Неделковски, во кого препознал искреност и чесност.

„Најзаслужен што сум во Вардар е претседателот Миленко (Неделковски). Во фудбалот има малку искрени луѓе, јас сум таков, исто така го доживеав и претседателот Миленко и имам целосна доверба. Досега се што се имаме договорено е исполнето.“ – рече Фабијани.