10.8 C
Skopje
вторник, 18 ноември 2025
Дома Blog Страница 9966

Барселона ја „зграпчи“ победата против Макаби

Барселона влезе во мини-серија од три меча на кои издвојува победа, а вечерва лесно беше совладан Макаби со 74:58. „Каталонците“ очекувано беа подобри од израелскиот тим, кој полека, но сигурно тоне во Евролигата со четвртиот овосезонски пораз.

Клучна беше третата четвртина, која Барселона ја освои со 25-7, иако претходно Макаби резултатски беше рамноправен противник во првиот дел. Курич и Клавер беа најефикасни во тимот на Барса со 14, односно 13 поени, додека најсветла точка кај поразените беше Калојаро со 11 поени.

Најдобриот напад против најслабата одбрана, јасно беше кој ќе победи

Во дуелот меѓу најдобриот напад и најслабата одбрана од Премиер лигата, Манчестер сити триумфираше со 2-0 над Фулам во рамките од осминафиналниот дуел во Лига купот на Англија.

Младиот Брахим Дијаз беше двоен стрелец за „граѓаните“, кои и со комбиниран состав немаа проблеми против аутсајдерот на оваа средба. Дeветнаесетгодишниот Шпанец прво погоди во 18-тата минута, а конечните 2-0 ги постави во 65-тата минута од мечот.

Со оваа победа, Манчестер сити во четврт-финалето ќе го чека подобриот од дуелот меѓу Лестер и Саутемптон, додека познати се останатите парови.

Највозбудлив ќе биде дуелот меѓу Арсенал и Тотенхем, лондонското дерби ќе се игра на „Емирати“, Челзи на свој терен ќе го пречека тимот на Борнмут, додека Мидлзбро и Бартон ќе се борат за пласман меѓу најдобрите четири екипи.

Бетис единствена „двојка“ во Кралскиот куп

Реал Бетис со минимални 1-0 славеше во првиот дуел против Расинг Сантандер од двомечот во Кралскиот куп. Серџо Леон го постигна единствениот погодок на средбата, а фудбалерот на гостите беше прецизен од белата точка во осмата минута.

Претходно, Кадис со 2-1 го совлада тимот на Еспањол, Спортинг Хихон, исто така, издвои победа на домашен терен, со 2-1 беа подобри од Ејбар. Селта Виго и Сосиедад ремизираа при конечни 1-1, Алмерија и Вилјареал одиграа нерешено, 3-3, додека Севилја без голови ремизираше против третолигашот Вилановенсе.

Додавање преку цел терен и тројка на Медфорд за помалку од 1,8 секунди (видео)

МЗТ Скопје вечерва триумфираше на Сплит со 104:87, а потегот на сребата го имаше плејмејкерот на „штрковите“, Лестер Медфорд.

Кошаркарот на МЗТ беше пронајден од Вудард преку цел терен, а овој се издигна за шут по самото прифаќање на топката и од линијата за три го погоди кошот, по што беше побрз и од звукот на сирената. Акцијата која траеше помалку од 1,8 секунди, му донесе предност на полувреме на тимот на МЗТ со 51:48.

Милан израмни неславен рекорд стар 85 години

Со вчерашниот триумф над Џенова со 2-1, Милан израмни свој неславен рекорд стар речиси еден век, поточно 85 години. „Росонерите“ примија барем по еден гол на првите 10 натпревари во Серија А сезонава, а ваков учинок последен пат направиле во далечната сезона 1932/33.

Последниот натпревар на кој фудбалерите на Милан успеале да ја сочуваат својата мрежа беше во ремито без голови против Наполи на 15-ти април годинава, меч кој се одигра претходната сезона во рамките од 32-рото коло во Серија А. Оттогаш, екипата на Џенаро Гатузо прими најмалку по еден гол на последните 16 натпревари, сметајќи ги и мечевите од минатогодишниот шампионат.

По десетте натпревари сезонава во Серија А, Милан брои вкупно 14 погодоци во својата мрежа, додека 20 гола биле во нивна корист. „Росонерите“ имаа примено најмногу погодоци од топ 5 екипите кои се на врвот на табелата во италијанскиот шампионат.

Фоњини е преслаб, Федерер експресно до четврт-финале

Роже Федерер со 2-0 (6-4, 6-3) во сетови го совлада Фабио Фоњини во осминафиналето на АТП Мастерсот во Париз. Швајцарецот без поголеми проблеми обезбеди пласман во најдобрите осум, италијанскиот тенисер само во неколку моменти му парираше на третиот светски рекет.

Со два брзи брејка, Федерер стигна до предност од 4-1 во првиот сет, а потоа загуби еден гем на свој сервис, по што Фоњини успеа да се врати до 5-4. Сепак, Роже на свој сервис поведе со 1-0, а во вториот гем ги запиша третиот, односно четвртиот брејк на средбата, па за трисетина минути им стави крај на маките на Италијанецот.

Федерер за противник во четврт-финалето ќе го чека подобриот од дуелот меѓу Кевин Андерсон и Кеј Нишикори, средба која треба да започне во секој момент, по што ќе се комплетираат сите четврт-финални парови.

Србинот го надмудри Црногорецот во „балканскиот“ дуел во Евролигата

Фенербахче триумфираше над Баерн Минхен со конечни 88:84 во рамките од петтото коло во Евролигата. Во балканскиот стратешки дуел, Србинот Жељко Обрадовиќ го надмудри црногорскиот тренер Дејан Радоњиќ, а „фенерите“ им се вратија на победите по поразот во претходното коло од Анадолу Ефес.

Избраниците на Радоњиќ беа рамноправни противници на домаќините во текот на целата средба, а Фенербахче дури пред финишот го скрши отпорот на „баварците“. Датоме се истакна како најефикасен во турскиот состав со 19 поени, а Весели додаде 16 поени. За гостите, најрасположен беше Букер со 15 поени и седум скока.

Претходно, Басконија славеше убедлива победа над Дарушафака со 82:56. Шенгелија и Хилард ги предводеа домаќините со 13, односно 12 поени, додека кај поразените најефикасни беа Савас и Ерик со по 12 поени.

Кочов: Имавме неколку икс-фактори

Тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, по средбата со Сплит, истакна дека кошаркарите во сино-бели дресови биле решени да извојуваат победа.

„Тежок меч, особено психолошки, но им честитам на сите мои играчи за карактерот и борбата, како и за играта. Имаше многу икс-фактори, ако продолжиме вака, ќе биде добро. Порази ќе има, но добро е кога играме вака. Одбраната беше добро поставена во првите минути, ние секогаш во второ полувреме играме поборбено. Кај играчите се гледаше решитеноста за победа“, изјави Кочов.

Гостинскиот тренер смета дека неговиот тим паднал во второто полувреме.

„Можеби бевме заморени, но без тројца важни играчи и не можевме повеќе во второто полувреме во кое паднавме, особено во одбраната. Заслужена победа на МЗТ“, рече тренерот на Сплит, Владимир Анзуловиќ.

По 6 кола, МЗТ е третопласиран со скор 4-2. Во следното коло, во среда, македонскиот тим гостува кај Вршац, кој е последен на табелата со 1-5.

Дербито меѓу ЦСКА и Олимпијакос им припадна на „армејците“

ЦСКА Москва и по пет кола, останува непоразена во Евролигата, откако денес на свое тло го солвадаа тимот на Олимпијакос со 69:65. Во дербито на петтото коло, „армејците“ за победата мораа да се борат до крајот, откако гостите приредија неизвесна средба, но и финиш во Москва.

По израмнетите сили во првиот период, Олимпијакос на паузата замина со +4, односно 35-31. Комплетен пресврт направи ЦСКА, откако третиот период го освои фуриозно со 21-9, па во одлучувачката четвртина ја држеа минималната предност сè до крајот.

Серхио Родригез беше најефикасен за рускиот состав со 20 поени и пет скока, Клајбурн додаде 17 поени, а запиша и девет скока. Спанулис со 16 поени и шест асистенции беше најрасположен играч од редовите на Олимпијакос.

„Штрковите“ со стотка ја зачинија новата јадранска победа

Четвртиот меч на домашен терен во втората АБА-лига ја донесе и четвртата победа на МЗТ Скопје Аеродром. Надигран е Сплит со 104:87. Ова е втор меч по ред во кој МЗТ дава над 100 поени, но на претходниот играа и дополнителни пет минути, а сега за 40 минути го изрешетаа кошот на некогашниот европски првак.

Во првите десет минути, играчите како да сакаа да си ги испитаат силите, па немаше многу залагање во одбрана и доминираа нападите. И втората четвртина беше ефикасна, најпрвин гостите создадоа предност од девет поени, а потоа МЗТ ја стопи негативата. Во последната секунда од првото полувреме, Вудард ја крена публиката на нозе откако погоди тројка за 51-48, откако прифати едно долго додавање од Медфорд од под кошот на другата страна на теренот.

Повредата на Иванов значеше дека на позицијата крилен центар кај МЗТ поголема минутажа ќе добие Маслинко. МЗТ добро тргна во третиот период и направи позитива од 12 разлика, но гостите се вратија со серија од осум поени. Сепак, финишот на третиот квартал повторно беше во знак на МЗТ и во последните десет минути се влезе со 80-70.

Домашните со ефикасен напад го контролираа водството во последната четвртина, па успеаја да дојдат до посакуваната победа, која беше зачинета со троцифрен број на поени.