Македонија повторно е во фудбалска еуфорија. Нашата најдобра репрезентација синоќа одигра фантастичен меч и победи на гости кај Ерменија со убедливи 5:0. Ако на нашата победа се додаде и киксот на Романија против Исланд, коцките се поклопија за Црвено-жолтите да се искачат на второто место во групата од квалификациите за пласман на Светско првенство во Катар.
Претстои само уште еден чекор за да бидеме дел од баражот за пласман на Мундијалот следната година, а тоа е дуелот в недела против Исланд во Скопје. Доколку успееме да го победиме Исланд, Македонија првпат во својата историја ќе игра во бараж за планетарниот собир.
А, точно пред една година, односно на 12 ноември, Македонија за првпат обезбеди место на едно големо натпреварување, тоа беше Европското првенство. На овој ден минатата година, Македонија се израдува можеби на најзначајната победа во историјата. Во Тбилиси ја победивме Грузија со 1:0 благодарение на голот на Горан Пандев и Македонија се најде на континенталниот собир.
Оваа генерација која испиша историја на ЕП без капитенот Горан Пандев, но со неколку нови млади фудбалери коишто треба да бидат иднината, сега е на прагот на уште едно историско постигнување, а тоа е место во баражот за Светско првенство, па потоа чекор по чекор до остварување на сонот, а тоа е да се биде дел и од Мундијалот.