Легендарниот македонски фудбалер Дарко Панчев даде свое мислење за тоа каде им е местото на екипите од поранешна Југославија, но и на тие од Балканот во европски рамки. Панчев, кој пред речиси 35 години со Црвена ѕвезда стана европски првак, смета дека клубовите од Балканот немаат квалитет за настап во Лига на шампиони и затоа треба да се фокусираат да играат во Лига на Европа.
„ Зошто ја бркаме Лигата на шампионите за да влеземе во групната фаза? Само за пари. Но, ако сме реални и објективни во фудбалот, сите овие тимови од Балканот, не само Црвена Звезда и Партизан, туку и Динамо и Хајдук и така натаму, многу е подобро за нив и поправилно да играат во Лигата на Европа. Бидејќи квалитетот таму е на некое ниво сличен на овие други тимови и објективно можеме многу подобро да се справиме таму и да освојуваме бодови и да победуваме, да бидеме среќни“, вели Панчев во изјава за српската агенција „Танјуг“.
Оваа сезона најтрофејниоте клубови во Србија и Хрватска, а тоа се Црвена ѕвезда и Динамо Загреб се дел од Лига на Европа и имаат одлични шанси да продолжат во нокаут фазата во второто по ранг натпреварување на УЕФА.
“

