Најдобриот македонски фудбалер во 20 век, Дарко Панчев, со посебно внимание ќе го следи вечерашниот меч во Милано помеѓу Интер и Црвена ѕвезда бидејќи играше за двата клуба.
Панчев даде интервју за најпознатиот италијански спортски весник „Газета дело спорт“, во кое рече дека нема дилеми за кого ќе навива вечерва.
„Јасно е за кого навивам: Црвена ѕвезда, како и Вардар, македонскиот клуб во којшто пораснав, ми се апсолутно сè. И тука не мислам само на фудбалот, туку на животот. Ѕвезда ме научи како да постојам на овој свет“, вели Панчев.
Што се однесува до Интер…
„Не сум огорчен или лут на Интер, Интер е големо име кое заслужува почит. Институција беше тогаш, сега е, и секогаш ќе биде, и без разлика на сè, среќен сум што играв таму. Не сакам да именувам луѓе, но поединци ме саботираа одвнатре. Директори кои беа на високи позиции беа несоодветни и неспособни. Не ја платив само јас таа цена, туку целиот клуб. Погледнете само колку време им требаше да се вратат на врвот. Масимо Морати мораше да биде трпелив и да чека 15 години пред да успее навистина да ја промени организацијата, таа лоша атмосфера, внатрешна декаденција, губење на менталитетот. Не само јас, во мое време многумина брзо си заминаа и направија добри кариери во други клубови“, раскажува Панчев.
За вечерашниот меч, според скопската Кобра, Интер е фаворит.
„Интер е фаворит, иако никогаш не се знае. За жал, на Ѕвезда ќе им недостига Иваниќ, најдобриот играч, тој е одличен плејмејкер кој знае да шутне и да асистира“, смета Панчев.