Пандев: Имам две фудбалски желби, но прво нека помине овој кошмар

Македонската фудбалска легенда Горан Пандев најверојатно нема да се пензионира летово бидејќи има желба со репрезентацијата да се пласира на Европското првенство кое беше презакажано за 2021 година.

На Пандев во моментов приоритет му е здравјето и посакува пандемијата со Коронавирусот што побрзо да заврши и со што помалку последици.

„Сакам со Џенова да избориме опстанок во Серија А и со репрезентацијата да се пласираме на ЕП. Во селекцијата имаме играчи кои настапуваат во силни лиги, некои играа на младинско ЕП и заедно со нас поискусните имаме најсилен македонски тим во историјата. Сон ни е да се квалификуваме на ЕП. Сега, по ова што се случува, фудбалот губи значење, се надевам дека кошмарот брзо ќе заврши. Тоа е приоритет. По враќањето на нормалниот живот, ќе размислувам за фудбалот и мојата иднина како фудбалер“, изјави Пандев.

ТРЕБАШЕ ДА БИДАМ ПОТРПЕЛИВ И ДА ОСТАНАМ ВО НАПОЛИ, А НЕ ДА ОДАМ ВО ГАЛАТАСАРАЈ

Пандев како најголема грешка во животот го наведе заминувањето од Наполи и трансферот во Галатасарај.

„Кога добив понуда од Наполи, каде што играше најдобриот на сите времиња, Марадона, решив да прифатам бидејќи по Интер, дојде време за промена. Не очекував таков прием на претставувањето. Во Неапол се луди по фудбалот. Кога го освоиме купот на Италија, цел град излезе, славењето беше поголемо од тоа во Милано кога се вративме со Интер по освојувањето на Лигата на шампионите. Но, кога дојде Бенитес, посакав да си одам бидејќи минутажата ми беше намалена. Заминав во Галатасарај, каде што имаше правило дека смее да играат пет странци, а бевме повеќе. Галатасарај е голем клуб, но за мене беше најголема грешка во кариерата. Гордоста ми беше повредена, но не требаше да брзам, требаше да останам во Наполи“,, вели Пандев, за кого најдобри играчи во Италија против коишто играл биле Роберто Баџо и Андреа Пирло.

 

- Оглас -

Најнови вести