Пандев ќе ја продолжи авантурата: Сакам да играм против Германија пред полни трибини во Скопје

Горан Пандев сака да игра и во квалификациите за Светското првенство во Катар 2022 година, што е одлична вест за Македонија, а меч против Германија пред полни трибини во Скопје би била добра најава за крај на богатата кариера.

„Би сакал да играм против Германија пред полни трибини во Скопје. Оваа генерација има пред себе настап на Европско првенство, но и шанси за добри квалификации и напад на второто место во групата за пласман на Мундијалот во Катар“, вели Пандев.

Квалификациите за СП 2022 во Катар ќе почнат во март идната година, во три термини што се предвидени пред учеството на Македонија на Европското првенство, кое ќе се игра од 11. јуни до 11. јули во 2021 година.

Потоа се продолжува со три термини во септември и по два во октомври и ноември, кога ќе биде познато кои 10 селекции како првопласирани во своите групи ќе обезбедат виза за СП во Катар.

Македонија е во група со Германија, Романија, Исланд, Ерменија и Лихтенштајн, а и второто место носи шанса за настап на Мундијалот во 2022 година.

Сите 10 второпласирани репрезентации, плус двете најдобри во Лигата на Нации ќе играат дополнителен плејоф и трите најдобри селекции во овој филтер циклус ќе се приклучат на СП во Катар, што ќе се игра за две години.

Распоредот на натпревари во Ј групата ќе биде дополнително одреден.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести