Пандев може да биде горд, Академците се хит со долга серија без примен гол

Академија Пандев продолжи во ист ритам и на почетокот на вториот дел од домашниот шампионат како што играше во финишот на првиот дел, а Горан Пандев има со што да се пофали.

Клубот чиј сопственик е тој нема примено гол околу 410 минути, а толку време, или нешто помалку од 7 часа, голманот Душан Чубраковиќ не ја вадел топката од својата мрежа.

Серијата почна во Тетово на 28-ми ноември против шампионот Шкендија, меч што Академците го добија со 1-0, со голот на Марио Крстовски. Потоа, во последното есенско коло против Вардар одиграа без голови, а серијата продолжи и на првиот меч од продолжението на шампионатот, против Македонија Ѓорче Петров.

И тие не успеаја да ја затресат мрежата на српскиот голман Чубраковиќ, па низата продолжи како добра најава за струмичкото дерби.

Беласица беше наострена конечно во третиот меѓусебен меч да го победи градскиот ривал, но Љупче Дориев ги олади со победнички гол во 19-тата минута. И повторно Академците не примија гол, па сега на ред е да ја бранат одличната серија без примен гол против Шкупи на трети март на свој терен.

Последен што им ја затресе мрежата на струмичани е најдобриот стрелец во Лигата, Влатко Стојановски во 39-тата минута на мечот со Ренова, игран на 25-ти ноември, лани.

Во досегашните 20 одиграни кола во Првата лига, Академија Пандев е екипата со најмалку примени голови, само 14, или во просек по 0,7 на меч.

- Оглас -

Најнови вести