Ракометарите на Вардар со огромна радост го претрпеа поразот од Пик Сегед бидејќи и со него тие повторно ќе се борат за европска титула. Македонската машинерија го преживеа Сегедин, а тренерот Роберто Парондо имаше само пофални зборови за неговите избраници, а пласманот на Ф4 го посвети на цела Македонија.
„Направивме чудесен подвиг. Можам само да им честитам на моите играчи за прикажаното во второто полувреме. По лошиот настап во првите 30 минути, во соблекувалната сите се договоривме дека не смееме повторно да играме толку лошо. Тие беа решени да го покажат своето најдобро издание и одлично го сторија тоа. Овој пласман е за сите кои нè поддржуваа во Македонија, но и за сите кои присуствуваа и навиваа за нас во Сегедин. Трета година во низа се пласираме на фанјл форот во Келн, но овој пласман мора да е најсладок досега“, посочи Парондо по мечот со Пик Сегед.