Партизан во голем стил до прва победа во Евролигата, Барса го загуби компасот за излез од Зелената шума

Партизан конечно успеа да победи, и тоа во голем стил за прв успех по камбекот во Евролигата, а некогашниот европски шампион го декласира италијанскиот гигант Виртус Болоња со 90:62.

Требаше да минат четири кола за да проработи „црно-белата“ кошаркарска машина што ја предводи најтрофејниот европски тренер Жељко Обрадовиќ.

Домаќините во пеколна атмосфера во „Штарк арената“ во Белград го декласираа ривалот со огромни 28 поени разлика, а притоа ги добија сите четири четвртини.

Прв стрелец беше Џејмс Нанели со 20 поени за Партизан, а беспрекорно делуваше комплетната композиција на белграѓани.

Такво нешто се очекуваше и од Барселона, но Каталонците неочекувано потклекнаа во Литванија во драматична завршница.

Жалгирис со победа од 73:72 ја прекина незгодната серија од 7 порази од Барселона, а гостите го загубија компасот за победнички излез од Зелената шума, што е прекар на литванскиот првак.

Еванс со 18 поени, Смитс и Улановас со по 15 поени беа најефикасни и кај Жалгирис, и на мечот, додека за Барса најмногу поени, 12, постигна Весели.

Со многу мака и голем пресврт Фенербахче ја сочува победничката серија од четири победи на стартот од новата сезона.

Турскиот гигант ја победи Валенсија со 79:77 на меч на кој гостите од Шпанија прокоцкаа предност од 13 поени разлика кога поведоа со 33:20 во втората четвртина.

Вилбекин со 20 поени беше прв стрелец и за фенер и на мечот, а Џонс постигна најмногу, 16 поени за Валенсија.

Макаби во Тел Авив го декласира Лион Вилербан со 88:69, а Милано го победи Баерн во Минхен со 83:81.

- Оглас -

Најнови вести