Дефанзивецот на репрезентацијата на Италија, Џорџо Скалвини, заработи тешка повреда на дуелот помеѓу Аталанта и Фиорентина и нема да биде дел од составот на Лучано Спалети за настапот на Европското првенство.
Фудбалерот на Аталанта повредата ја заработи на меч без апсолутно никакво значење, со оглед на тоа дека дуелот против Фиорентина беше одложен поради настапот на двете екипи во финалните натпревари во Лигата на Европа и Конференциската лига, а не одлучуваше ништо на табелата и беше од ревијален карактер.
Скалвини се повреди во 84-тата минута, без дуел, кога и го напушти теренот, а според информациите, се работи за повреда на предните вкрстени лигаменти на коленото. Оваа повреда бара третман со оперативен зафат, па се очекува дека паузата на 20-годишниот фудбалер ќе трае неколку месеци.