Екипата на Пелистер славеше во големото дерби против МЗТ Аеродром со 93:78 во рамките на 12-тото коло од кошаркарската прва лига.
Тимот од Битола има перфектен прв дел од сезоната со 12 победи од исто толку одиграни средби и со тоа става јасно до знаење дека е подготвен да го урне токму МЗТ од тронот.
Пелистер дојде до победата, пред сè во фантастичното второ полувреме. Во третата четвртина, гостите дадоа дури 31 поен, а погодија дури седум тројки.
Во последната делница, МЗТ успеа да се врати во приклучок и да намали на 70:75, но следуваше нов „рафал“ од три поени на гостите, кои погодија пет обиди за тројка по ред.
Битолчани на крајот завршија со одлични 19 постигнати тројки и славеа со 93:78
Игор Кесар беше најефикасниот играч на оваа средба со уфрлени 30 кошеви.
Како што напоменавме, Пелистер е перфектен на врвот по првата полусезона со 24 поени, додека актуелниот првак, МЗТ Скопје, има 20 и е на делба на втората позиција со ФМП Академија.