Еурофарм Пелистер на гости го победи Алкалоид со 23:29 (14:18) во дербито на деветото коло во ракометната Суперлига. Со оваа победа, битолчани се израмнија на челната позиција со Вардар. Двата тима имаат по 19 бодови. Алкалоид е трет со 11 бодови и тимот од Автокоманда сигурно ќе заврши на оваа позиција.
Титулата за шампионскиот пехар ќе се решава во последното коло кога Вардар на свој терен игра против Пелистер.
Што се однесува до денешниот меч во Автокоманда, Пелистер играше без неколку стандардни играчи кои добија одмор за да бидат посвежи за дуелот против Вардар, но и во комбиниран состав битолчани беа прејаки за Алкалоид.
Алкалоид водеше со 3:2, а потоа следуваше мини-серија на гостите од 3:0 за прв пат еден тим да има два гола позитива. Потоа Алкалоид повторно фати приклучок и поведе, па се играше „гол за гол“ на двете страни. Домаќините водеа со 12:11, кога Пелистер заигра многу подобро и во финишот на првото полувреме гостите дадоа седум голови, а примија само два па битолчани на полувреме имаа највисока предност од 18:14.
На почетокот на второто полувреме Пелистер во три ситуации имаше предност од пет голови предност, а на 21:16 во 36 минута, следуваше „будење“ на Алкалоид. Домаќините со одлична игра во одбраната направија серија од три гола по ред и намалија на 21:20 во 44 минута.
Сепак Пелистер не дозволи да ги испушти водството, па гостите постигнаа три брзи погодоци, а потоа играчите на Алкалоид како да се предадоа. Гостите имаа убедливи 29:21 на две минути до крајот, што значи дека битолчани во 13 минути направија серија од 8:1.
Пелистер го победи Алкалоид, а сега следи кулминација на сезоната. В сабота во „Јане Сандански“, Вардар е домаќин на Пелистер во мечот кој треба да го даде ракометниот првак на Македонија.