Еурофарм Пелистер одигра нерешено 28:28 на гостувањето кај ГОГ Гудме во меч од 12 коло на ракометната Лига на шампиони. Македонскиот првак во најголем дел од мечот беше во подредена ситуација и губеше, но битолчани одиграа одлични неколку минути по кои се вратија во игра и на крајот стигнаа до нерешено.
Голманот Никола Митревски со 13 одбрани беше херој на Пелистер кој соовој бод сега стигна до пет и останува на седмото место на табелата, додека ГОГ Гудме е на шестото место со девет бодови.
Мечот не почна добро за Пелистер. Домаќините поведоа со 4:1, а потоа имаа и 8:4 кон средината на првото полувреме. Во еден момент, Гудме имаше и пет гола предност (13:8), а на полувреме заминаа со водство од 15:11.
На почетокот на вториот дел, Пелистер повторно водеше со пет разлика (16:11), но тоа не ги обесхрабри битолчани. Гудме водеше со 23:19, а потоа следуваше најдобриот дел од играта на македонскиот првак.
Со одлична игра, зелено-белите направија серија од 6:1 и за прв пат на мечот стигнаа и до водство (25:24). Тоа беше најава за неизвесен финиш. Се играше гол за гол, па во последната минута се влезе со нерешен резултат од 27:27.
Гудме беше во напад кога беше исклучен Граховац кај Пелистер, па домаќините постигнаа гол за 28:27. Пелистер не се предаде и со играч помалку преку Видомски израмни на 28:28 на седум секунди до крајот. Во последниот напад ГОГ не успеа да упати удар затоа што битолчани одиграа како што треба во одбраната.

