Пелистер конечно во петтиот обид го освои првиот бод сезонава во првата македонска фудбалска лига. Тие ремизираа против актуелниот првак Шкендија.
Претходно, битолчани во 2014 година последен пат освоија бод на „Тумбе кафе“ против тетовци. Денеска нивен јунак беше Бразилецот Виктор Јуфо кој ги даде двата гола, а станува збор за поранешен играч на Шкендија.
Ермедин Адем со хет-трик (два гола беа од пенал) им донесе триумф на Лавовите од Ѓорче Петров, а убедлив беше Шкупи, кој го порази „имењакот“ Скопје со 4-1.
Штипска Брегалница после четири ремија во првите четири кола, денеска конечно победи и тоа со предврт во финишот. Победничкиот гол на Алтипармаковски падна во 93-та минута. Брегалница веќе трето коло по ред дава голови после 90-та минута.
РЕЗУЛТАТИ, 5 КОЛО: Брегалница – Академија Пандев 3-2, Македонија Ѓорче Петров – Борец 3-2, Пелистер – Шкендија 2-2, Шкупи – Скопје 4-1, Тиквеш – Струга Трим Љум 1-1. Мечот Ренова – Работнички почна со задоцнување од речиси половина час, поради проблем со автобусот на гостите. Во моментов, на 15-тина минути до крај, резултатот во Тетово е 1-1.
Академија Пандев и Шкупи имаат по 10 бода, и заедно го држат врвот на табелата. Може да им се придружи уште еден тим, ако има победник на мечот Ренова – Работнички.