Пелистер на свој терен ја пречекува екипата на Струга ТЛ во единствениот меч кој денеска се игра во Прва фудбалска лига на Македонија. Битолчани се во незавидна ситуација, моментално се на 10 место на табелата кое носи испаѓање и има само 22 бодови од 23 одиграни средби.
Од друга страна, екипата на Струга ТЛ е сигурен на третото место на табелата со 50 бодови, а со евентуални три бода во Битола, ќе се врати и во трка за титулата, каде главниот збор го водат Вардар и Шкендија кои имаат по 58 бодови.
Пелистер на свој терен нема пораз на последните пет меча и тоа дава оптимизам за Зелено-белите, но сепак традицијата е на страна на стружани. Во последните 10 дуели на овие два ривали, Струга ТЛ има осум победи и две нерешени.
Дека ќе биде голем предизвик за Пелистер да победи е и фактот дека Струга ТЛ е најефикасната екипа во лигата со 54 дадени погодоци и со најдобра одбрана и само 18 примени гола.

