Еурофарм Пелистер го победи Вардар во Скопје со 24:23, па сега на табелата во ракометната Супер лига има нов лидер. Битолчани со десет бодови се први, Вардар остана на осум бодови, па во останатите осум кола до крајот на првенството, битолчани се во пол позиција. Освен лидерското место на кое се сега, Еурофарм Пелистер против Вардар ќе игра уште еднаш и тоа во Битола.
Уште од стартот, Пелистер покажа дека во салата „Јане Сандански“ е дојден по победа. Се играше цврсто на двете страни, повеќе се мислеше на одбраната, отколку на давањето голови, па така по првото полувреме Пелистер водеше со еден гол разлика 12:11.
Битолчани водеа во текот на целото второ полувреме, а во 46 минута прв пат поведоа со три разлика и тоа 19:16. Пелистер имаше и два напади за водство од четири гола, но не погодија. Вардарци останаа пасивни и немоќни, па и на 10 минути до крајот, гостите од Битола водеа со три разлика (20:17). Со петиот гол на Мандалиниќ, Пелистер прв пат поведе и со четири разлика (23:19) и тоа на само пет минути до крајот, а потоа беше и 24:20.
Вардар не се предаде и со брзи голови и добра одбрана Црвено-црните стигнаа до 23:24 на една и пол минута до крајот. Тогаш беше исклучен Моралес кај Вардар по фаулот над Танковски. Голманот на Вардар, Мартин Томовски во клучните моменти имаше две одлични одбрани и Вардар во последната минута имаше напад за реми, но шутот на Додиќ го одбрани Кизиќ, што беше негова осма одбрана.
Најпрецизен кај Пелистер беше Табоада со шест гола, а Мандалиниќ погоди пет пати. Дибиров со шест и Моралес со пет гола беа најпрецизни кај Вардар.