Пеп Гвардиола призна дека во моментов нема јасна претстава кој ќе биде неговиот следен чекор во кариерата. Ова е негово прво јавно обраќање откако минатиот викенд го напушти кормилото на Манчестер сити.
Каталонецот присуствуваше на настан организиран од фондацијата на Јохан Кројф, каде што се осврна на десетте години поминати на „Етихад“ и зборуваше за својата иднина.
Неговиот последен натпревар на клупата на Сити беше поразот од 2:1 против Астон Вила. Натпреварот беше и проштален за Бернардо Силва и Џон Стоунс.
„Беше навистина убаво, навистина забавно. Тоа беше неверојатно искуство. Не можев ни да замислам дека ќе останам таму десет години“, изјави Гвардиола за својот период во Манчестер сити.
На прашањето што следува во неговата кариера, тој кратко одговори:
„Ниту јас самиот не знам.“
Во последните недели Гвардиола неколкупати нагласуваше дека за него е време за заминување кога ќе почувствува дека енергијата и страста почнуваат да исчезнуваат, а токму тоа, според неговите зборови, било главната причина за крајот на неговата десетгодишна ера во Манчестер сити.

