Пеп руши рекорди, но си призна: Му благодарам на клубот што купува квалитетни играчи

Манчестер сити синоќа го понижи Лидс победувајќи го со 7:0 во меч од Премиер лигата. За актуелниот првак ова е втора најубедлива првенствена победа во 127-годишната историја на клубот. И најубедливата победа од 8:0 против Ватфорд е под водство на Гвардиола.

Во убедливата победа, Гвардиола сруши и неколку рекорди. Граѓаните под негово водство ја надминаа бројката од 500 првенствени голови во само 207 натпревари и со тоа беше надминат рекордот на Јирген Клоп и Ливерпул, кои до 500 погодоци стигнаа во 234 мечеви.

Сити стигна и до 33-тата победа во првенството во оваа календарска година, со што го израмни рекордот на Ливерпул од 1982 година. Граѓаните до крајот на 2021 година треба да одиграат уште три дуели во Премиер лигата, што значи дека ќе имаат шанса да го надминат и овој рекорд.

Тренерот на Сити, Пеп Гвардиола, е посебно задоволен што неговата екипа повторно е на врвот од табелата, а потенцираше дека заслуга за успесите имаат и челниците на клубот, кои без многу размислување му ги донеле играчите кои тој ги посакувал за да создаде ваков силен колектив.

„Супер се сите пофалби за рекордите, но заборавате уште нешто импресивно што го направивме. Во 17 првенствени меча примивме само девет голови. Тоа докажува дека не мора да си дефанзивно ориентиран за да имаш успех во одбраната. Играчите со коишто располагам тука се за да бидат креативни, а моја работа е само да им кажам да трчаат. Целата останата заслуга е на клубот кој ми купува квалитетни фудбалери“, рече скромниот Гвардиола.

- Оглас -

Најнови вести