Неверојатни резултати во 25 коло на германската Бундеслига. Актуелниот лидер Баерн Минхен го претрпе првиот пораз на свој терен и тоа од Бохум со 2:3. Баерн водеше со 2:0 имаше и промашен пенал и воопшто ништо не најавуваше дека може да загуби од аутсајдерот.
Бохум намали на 2:1 во првиот дел, а пред полувремето Баерн остана со играч помалку по црвениот картон што го доби Палиња. Бохум ја искористи предноста од играч повеќе и во второто полувреме направи целосен пресврт и на крајот победи со 3:2 на „Алијанц Арена“.
Пораз на свој терен и на актуелниот првак Баер Леверкузен и тоа од Вердер Бремен. Фармацевтите важеа за фаворити, но уште во седмата минута Шмид погоди за водство на Вердер. Во последните моменти од мечот, во 90+4 минута Вердер постигна и втор погодок за неочекувана победа на стадионот на германскиот шампион.
Борусија во Дортмунд загуби од Аугсбург со 0:1. Гостите дадоа гол во 23 минута, што на крајот се покажа и како клучен момент и победа на Аугсбург.
На останатите два меча кои се играа, исто така домаќините не успеаа да победат, но барем освоија еден бод. Кил и Штутгарт одиграа 2:2, а 1:1 заврши пресметката меѓу Волфсбург и Сент Паули.