Шпанските медиуми упорно тврдат дека Жозе Мурињо ќе биде наследник на Сантијаго Солари во Реал Мадрид. Кралскиот клуб игра променливо и е далеку од трката за титулата во Примера дивисион, па тоа е како најава дека Солари може да добие отказ.
Мурињо беше на клупата на Реал во периодот од 2010 до 2013 година, а токму играчите кои тогаш беа во екипата, сега се против негово враќање. Капитенот Серхио Рамос заедно со дефанзивецот Марсело упатиле ултиматум до претседателот на Реал, Флорентино Перес. Рамос дури најавил дека ќе си замине ако дојде Мурињо.
„Или јас, или Мурињо“, му рекол Рамос на Перес.
Како предводник на Реал, Мурињо ја освои титулата во Примера (2012), шпанскиот куп (2011) и Суперкупот на Шпанија (2013). Три трофеи за три години е премалку за клуб како Реал. Мурињо го предводеше мадридскиот гигант на 178 меча и забележа 127 победи, 28 ремија и 23 порази, со гол-разлика 476 дадени и 171 примени погодоци. Во шпанското првенство просечно освојуваше 2,3 бодови по меч.